Испечатете ја страната

МЗТ Скопје Аеродром лесно ја среди Блокотехна за прва победа за новиот тренер Кочов

2018 04 Апр

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром победнички се враќаат од вечерашното гостување на југот на Македонија, откако со одлично одиграно второ полувреме ја совладаа екипата на Блокотехна (75-66) во меч од 2. коло од Суперлигата.

Ова воедно е и деби победа на нашиот нов тренер, Ѓорѓи Кочов и тоа остварена без помошта на Алексеј Нешовиќ и Андреј Маслинко, кои поради повреда воопшто не допатуваа во Гевгелија како и без капитенот Дамјан Стојановски, кој се повреди на самиот почеток од второто полувреме. Сино-белите клучната разлика ја обезбедија во финишот од третиот период, кога со серија 13-0 дојдоа до двоцифрена позитива (64-52), која умешно ја задржаа до крајот на средбата.

Новакот Андрија Бојиќ одигра одлично во првиот меч за нашиот тим, завршувајќи ја средбата со 11 поени, девет скока и две блокади. Најефикасен беше Јуре Лалиќ со 12 поени додека Џордон Крафорд и Дарко Соколов реализираа по 11 поени заедно со девет асистенции односно скокови.

Избраниците на Кочов следниот меч ќе го одиграат следната среда и тоа на домашен терен против Гостивар, како генерална проба за вечното дерби против Работнички, кое на 14 април ќе го одиграме во „Градски парк“.