Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром вечерва ќе го пречекаат Карпош Соколи (19 часот) во третиот меч од плејоф-финалето, во обид да дојдат до ново водство односно да го направат вториот од посакуваниот трочекор за шампионската титула.
Моменталниот резултат во серијата е 1-1, откако сино-белите загубија на неодамнешното гостување во „Борис Трајковски“. Серијата се игра до три победи, поради што вечерашниот натпревар е од исклучително значење за двата тима. Сино-белите максимално ги искористија двата дена помеѓу средбите во обид да се поправат грешките и да се најде начин да се врати победничкиот ритам во дуелите со секогаш незгодните „соколи“. Капитенот Марко Симоновски и понатаму е надвор од стројот поради повреда на скочниот зглоб, а тренерот Анте Назор дури пред почетокот на натпреварот ќе реши кој од странците ќе ја проследи средбата од трибините поради правилот на МКФ за настап со само шест интернационалци.
„Противникот нѐ изненади во претходниот дуел, пред сѐ со нивниот напад каде што максимално ја казнуваа секоја наша грешка. Ние премногу лесно влеговме во натпреварот и тоа скапо нѐ чинеше. Дозволивме Карпош Соколи да направи 15 офанзивни скока и речиси третина од поените да ги постигне од втор или трет напад, што е недопустливо во ваков вид пресметки. Моите играчи мора да сфатат дека без целосна фокусираност и максимална борбеност нема да може да го остварат посакуваното. Во вечерашниот дуел треба да влеземе без калкулации и конечно уште од самиот старт да почнеме да играме како што знаеме, а не само во последната четвртина. Такво нешто беше доволно во првиот, не во вториот беше предоцна за било каков камбек. Треба постојано да бидеме на рацете на противничките кошаркари за да немаат лесни шутеви од далечина, а исто така да ги браниме адекватно кога ќе добијат топка под нашиот кош. Само така ќе може да дојдеме до победата, која е наш императив на вечерашниот дуел“, изјави хрватскиот стратег на клупата на МЗТ Скопје Аеродром.
Судии на вечерашниот натпревар се Марјан Мицевски, Петар Денковски и Александар Павлов, а делегат е Антонио Угринов. Предвиден е директен телевизиски пренос на каналите на Македонската телевизија (МТВ). Влезот во салата „Јане Сандански“ е СЛОБОДЕН!