Испечатете ја страната

Назор: Игравме агресивно и мудро, затоа лесно и убедливо го победивме Карпош Соколи!

2017 26 Апр

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром против најголемиот противник за висок пласман ја остварија највисоката победа досега во Суперлигата, што донесе голема насмевка на лицето на тренерот Анте Назор.

Хрватскиот стратег беше задоволен што неговите избраници максимално ги одработеа поставените задачи во соблекувалната односно брзо ги исправија сите грешки покажани во неодамнешниот пораз од Работнички.

Знаевме дека мора да играме агресивно во одбраната за да дојдеме до посакуваната победа и задоволен сум што тоа и се случи на паркетот. Уште на почетокот на сезоната кажав дека клуб кој се бори за титула мора да игра максимално агресивно во дефанзивата, за да може полесно и помудро да ги организира нападите. Брзо ја научивме лекцијата од пресметката со Работнички. Карпош Соколи е одлична офанзивна екипа и наша задача беше да го намалиме нивниот број на постигнати поени и да им изнудуваме избразани шутеви. Тоа ни успеа и среќен сум што натпреварот се движеше според нашиот план. Ова е прв пат да ги победиме со голема разлика, треба да продолжиме да играме со овој ритам и успесите само ќе си доаѓаат“, изјави Назор по вечерашната голема победа.

Сино-белите како награда добија утрешно слободно претпладне, а со вечерашниот тренинг ќе почнат подготовките за саботната пресметка со Куманово од последното суперлигашко коло, која нема резултатско значење за нашиот тим. МЗТ Скопје Аеродром ја осигура пол-позицијата пред плејофот и сега чека разврска околу тоа која екипа ќе заврши како четврта, со што ќе им биде противник во полуфиналето од доигрувањето, кое почнува на 5 мај.