Со одлична игра во второто полувреме, особено во фазата на одбраната, кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром дојдоа до победата на вечерашното гостување кај Фени индустри (77-61), што воедно беше делумен реванш за поразот од истиот ривал на истиот терен во неодамнешното полуфинале од Купот на Македонија.
Тоа беше средба од 6. коло од Суперлигата и воедно шеста победа за сино-белите, со која останаа неприкосновени лидери на врвот од табелата. Избраниците на тренерот Анте Назор не успеаја да се одлепат во првото полувреме, но во продолжението со агресивна одбрана и прецизни шутеви дојдоа до висока предност која им го донесе посакуваниот триумф.
Ѓорѓе Дреновац со 19 поени беше најефикасен, а веднаш зад него според ефикасноста се најде Данило Мијатовиќ со 17 поени и шест скока. Шарлон Клоф средбата ја заврши со 13 поени, а Стојан Ѓуроски реализира 12 поени со шетири погодени тројки од седум обиди.
Следната средба ќе ја одиграме в четврток на домашен терен против Кожув.