Втора средба и втора победа за кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром во домашната Суперлига, откако вечерва, по голема борба, како гости го победија секогаш незгодниот тим на Кожув со 77-71.
„Металците“ полошо од очекуваното го почнаа натпреварот, им дозволија на домашните играчи да ја презедат иницијатива од самиот почеток и да дојдат до плус 10 (25-15) пред крајот на првата четвртина. Ваквиот однос на силите траеше до средината на вториот период, по што сино-белите со серија 9-2 намалија на само минус три (36-39) и најавија дека нема лесно да се откажат од бодовите во Гевгелија.
Целосниот резултатски пресврт се случи во третиот дел од средбата, кога избраниците на тренерот Анте Назор за само две минути дојдоа до предност од пет поени (46-41), која потоа умешно беше одржувана до самиот крај. Домаќинот до крајот даваше максимум пак да се врати во игра за триумф, но нашите кошаркари умешно ги одбиваа сите напади и сигурно го одведоа бродот кон мирни води за драгоцени два бода во битката за првото место на табелата.
Триумфот беше обезбеден на крилјата на тројца исклучително расположени играчи во нападот. Јуре Лалиќ мечот го заврши со 20 поени и осум скока и со одличен процент на прецизност во ударите од поле (10/13). Идентичен број поени реализира и Ксавиер Темс, а Ѓорѓе Дреновац застана на 19 поени, шест скока и четири украдени топки.
Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром сега имаат цела една недела за да се подготват за следниот предизвик, а тоа е вечниот ривал Работнички, кој следниот викенд ќе ни гостува во „Јане Сандански“.