Испечатете ја страната

„Соколите“ се последната пречка за МЗТ Скопје пред првиот пехар во новата сезона

2016 23 Сеп

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром, вечерва, во салата „Јане Сандански“, ќе се обидат да дојдат до првиот пехар во новата сезона и тоа во финалето од Суперкупот против Карпош Соколи (20.30 часот).

Ова ќе биде прво официјално АБА-дерби во македонската кошарка по неодамнешниот прием на „соколите“ во ова натпреварување и тоа на само една недела пред стартот на регионалното натпреварување, кое за нашиот клуб почнува следниот петок против Црвена звезда во Белград.

„Металците“ во вечерашниот дуел влегуваат осоколени по одличната игра и убедливата победа во синоќешното полуфинале против Фени индустри (83-50), што им ја носи фаворитската улога во мечот во кој треба да се одбрани пехарот освоен лани на завршницата во Охрид. Стручниот штаб пред средбата се соочува и со проблем поради повредата на Ѓорѓе Дреновац по нецели седум минути од вчерашниот дуел, поради што засега е неизвесен неговиот настап во големото финале. Истото се однесува и за репрезентативецот Марко Симоновски, кој сѐ уште се рехабилитира по повредата на 'рбетот која подолг период го одвои од теренот.

Судиската правда на финалниот дуел ќе ја делат Александар Милојевиќ, Александар Павлов и Алија Феревски додека Владимир Макревски ќе биде во улога на делегат. Средбата почнува во 20.30 часот со пренос на МТВ, а билетот за во салата „Јане Сандански“ чини сто денари. Организатор на Суперкупот е Македонската кошаркарска федерација (МКФ).