Кошаркарите на МЗТ Скопје со победата ја завршуват 2015 година, откако вечерва го совладаа составот на Работнички со резултат 75-86. Натпреварот помина во израмнета игра на двете страни во првиот дел, по кој што МЗТ Скопје имаше минимална предност од три поени разлика. Со стартот на второто полувреме, избраниците на тренерот Александар Јончевски заиграа многу поангажирано на двата краја од теренот создавајќи двоцифрена предност која рутинирано ја сочуваа до самиот финиш на средбата.
Ѓорѓе Дреновац беше најефикасен играч кај МЗТ Скопје со 27 поени. Дамјан Стојановски беше стрелец на 18 поени, додека Урош Луковиќ постигна 10 поени, надополнето со 12 скока.
Кај Работнички, Ѓорѓи Чековски беше најпрецизен играч со 23 поени.
Со вечерашниот триумф, тимот на МЗТ Скопје останува на првата позиција на табелата со скор од десет победи и само еден пораз. Македонскиот шампион веќе во недела (03.01.2016) го игра својот следен натпревар и тоа на гостувањето против Игокеа во рамките на 18.то коло на АБА лигата.