Тимот на МЗТ Скопје Аеродром поведе со 2-0 во финалната серија против Куманово, откако вечерва славеше на гости со резултат 102-107 по продолжението.
Во крајно неизвесен меч, домаќините беа тие кои имаа предност во најголемиот дел од средбата, меѓутоа кошаркарите на МЗТ Скопје беа најдобри кога највеќе требаше. Последната четвртина МЗТ Скопје ја доби со 23-12 и успеа во целост да ја анулира позитивата на Куманово. Јунак во последните моменти од регуларниот дел беше Марко Симоновски, кој по промашеното слободно фрлање на Чапин успеа да постигне погодок со истекот на времето од 40.те минути за израмнување на резултатот 88-88.
И покрај тоа што поради проблеми со лични грешки МЗТ Скопје во продолжението настапи без Предраг Самарџиски и Стефан Синовец, а на нив многу брзо им се приклучи и Данило Мијатовиќ, актуелниот првак одигра одлично во дополнителните 5 минути. МЗТ Скопје предводен до Марко Симоновски, Сеад Шеховиќ и Александар Чапин го полнеше кошот на домаќинот, кои не можеа да одговорат на 19-те постигнати поени на металците.
Сеад Шеховиќ одигра феноменален натпревар на кој беше близу до трипл дабл Постигна 23 поени, 12 скока и 7 асистенции. Марко Симоновски беше стрелец на 21 поен. Данило Мијатовиќ имаше 19 поени и 8 скока, додека Александар Чапин постигна 16 поени а имаше и 9 скока.
Во тимот на Куманово, Урош Луковиќ беше најдобар поединец со 20 поени и 10 скока.
Третиот натпревар од финалната серија помеѓу МЗТ Скопје Аеродром и Куманово ќе се одигра во СЦ Јане Сандански во Скопје, во вторник (02.06.2015) со почеток од 19.00ч.