Print this page

Втора победа над Фени за пласман во финалето

2015 24 May

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром вечерва го совладаа Фени Индустри на гостувањето во Кавадарци со резултат 64-75  и се пласираа во финалето на плејофот.
МЗТ Скопје одигра добро прво полувреме по кое имаше предност од 10 поени разлика. Домашните играчи заиграа многу подобро во третиот период кога успеаа целосно да се вратат во игра па дури и да поведат со 53-51.  Сепак, избраниците на тренерот Алеш Пипан, предводени од одличниот Чапин повторно го вратија водството кое до самиот финиш рутинирано го задржаа.

Во тимот на МЗТ Скопје, Александар Чапин беше стрелец на 22 поени. Данило Мијатовиќ постигна 14, додека Стефан Синовец 13п.

Брендон Вуд со 26 постигнати поени беше најдобар кај домаќинот.

Во финалето МЗТ Скопје Аеродром ќе ги одмери силите со составот на Куманово, кој во второто полуфинале повторно беше подобар од Работнички. Финалната серија помеѓу МЗТ Скопје Аеродром и Куманово започнува во петок (29.05.2015) во СЦ Јане Сандански, а шампион ќе биде тимот кој прв ќе стигне до три победи.