Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром со триумф ја започнаа Суперлигата, откако вечерва на гостувањето во Гевгелија, славеа против домаќинот Кожув со резултат 69-81. Домашните кошаркари многу подобро го стартуваа мечот и имаа водство од 8 поени по првите 10 минути игра, меѓутоа МЗТ Скопје успеа да се врати резултатски па на полувремето се отиде со нерешен резултат (47-47). Во второто полувреме избраниците на тренерот Алеш Пипан заиграа многу поангажирано пред се во одбраната, каде што му дозволија на домаќинот да постигне само 22 поени, целосно олеснувајќи си го патот до победата.
Стефан Синовец беше најефикасен во тимот на МЗТ Скопје, постигнувајќи 25 поени на кои додаде и 6 скока. Александар Чапин беше стрелец на 16 поени, додека Александар Цветковиќ мечот го заврши со 11 поени.
Кај домаќинот Кожув, Владимир Брчков постигна 15, додека Албијаниќ беше стрелец на 11 поени.
МЗТ Скопје својот следен дуел го игра наредниот викенд, кога го пречекува тимот на Фени Индустри.