Испечатете ја страната

Капитенот со кош во последната секунда ни донесе голема победа над Работнички

2020 01 Мар

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром дојдоа до значаен триумф во вечното дерби со Работнички (92-90), откако Дамјан Стојановски на 1,1 секунди до крајот го постигна победничкиот кош за осигурување на првото место на табелата пред стартот на Суперлигата.

На две кола до крајот на прволигашкиот дел, нашиот тим има учинок 13-3, односно две победи повеќе пред директните конкуренти Гостивар, Кожув, Еуро Никел и Работнички кои се изедначени со скор 11-5. Момците предводени од тренерот Ѓорѓи Кочов одиграа јуначки во последните пет минути, во кои прво со серија 9-2 прават резултатски пресврт и поведуваат со 90-88, а потоа и умешно го реализираа последниот напад преку капитенот. Точка на сѐ стави одличната одбрана, поради која противникот не успеа ниту да проба да ја искористи последната секунда за некакво чудо, што секако донесе голема радост на клупата.

Херојот Стојановски беше централна фигура во нашиот тим со 23 поени и по пет скока и асистенции, Ерон Харис постигна 12 поени, додека Кристијан Николов, Андреј Магдевски и Феми Олуџоби реализираа по 11 поени. За одбележување е и играта на Олуџоби, особено во решавачките моменти кога со три офанзивни скока и неколку прецизно изведени слободни фрлања беше еден од творците на камбекот вреден два бода.

Следен меч за нашата екипа е гостувањето кај Нови Пазар во меч од претпоследното коло од регуларниот дел од АБА2-лигата, закажано за в четврток.