Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром брзо се опоравија од мини-серијата од два порази (по еден во домашното првенство и АБА2-лигата), па вечерва, со доминантна игра во текот на сите 40 минути, во малата сала во СЦ „Јане Сандански“ го совладаа тимот на Куманово (75-58).
Нашите момци цело време го имаа водството и контролата врз резултатот, иако настапивме без Џабари Хиндс, кој доби одмор од тренерот Ѓорѓи Кочов. Максимално го искористивме големиот број загубени топки на кумановци (23), а имавме и доминација во скок-играта со 12 повеќе топки фатени под обрачите (41-29). Ова ни беше трета победа во четвртиот меч на домашна сцена.
МЗТ Скопје Аеродром имаше петмина ептен расположени играчи во нападот со двоцифрен поентерески ефект, меѓу кои предничеше капитенот Дамјан Стојановски со 17 поени и шест скока. Зад него, пак, беа Кристијан Николов со 15 поени и седум асистенции, Бојан Крстевски со 14 поени, Андреј Магдевски со 12 поени, седум скока и девет асистенции и Марин Морнар со 11 поени и седум скока. Андреј Маслинко постигна шест поени, додека радува враќањето на Марко Симоновски во составот, по неколкуте пропуштени средби поради повреда на листот.
Сино-белите веднаш ги насочуваат силите кон следната пресметка во АБА2-лигата, која на програмата е веќе во вторник, на домашен терен, против Сплит.