Print this page

МЗТ ќе игра за трофејот на турнирот во Романија, рафална стрелба на Симоновски!

2019 10 Sep

Дека убедливите победи во првите три контролни меча во пресрет на новата сезона не беа случајни, кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром покажаа и во вечерашната пресметка против поранешниот АБА-лигаш од Унгарија, тимот на Шолнок (115-94), кој беше совладан со брилијантна офанзивна игра во текот на сите 40 минути.

Македонскиот шампион триумфот го обезбеди во вториот и третиот период, кои заедно ги доби со 18 поени разлика (58-40). Последната четвртина беше само рутинско одработување на задачата, а тренерот Ѓорѓи Кочов дури имаше и можност да им даде шанса на помладите по достигнување на највисокото водство од плус 29 (105-76).

Оваа средба засекогаш ќе ја памети македонскиот репрезентативец Марко Симоновски, кој речиси сигурно го одигра најдобриот меч во досегашната кариера со 42 постигнати поени и дури 12 постигнати тројки со само пет промашувања. Американецот Џабари Хиндс средбата ја заврши со 21 поен и девет асистенции, додека Нуни Омот постигна 15 поени, а Андреј Маслинко 12 поени. Андреј Магдевски средбата ја заврши со девет поени, Марин Морнар постигна шест, Дамјан Стојановски и Бојан Крстевски по четири, а Иван Волкановски два поени.

„Металците“ утре вечер ќе ги одмерат силите со организаторот Орадеа (18 часот) и тоа за победничкиот трофеј, откако овој тим вчера исто така беше подобар од унгарскиот претставник на турнирот.