Испечатете ја страната

Чисти 3-0 против Гостивар за осмо финале во низа!

2019 31 Мај

Без поголеми игри и со доминација во најголемиот дел од средбата, кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром попладнево го совладаа Гостивар (87-77) за чисти 3-0 во полуфиналната плејоф-серија и пласман во големото финале.

За нашиот тим ова ќе биде осмо по ред учество во пресметката за титулата, а вкупно 14. во досегашната историја на македонската кошарка, во кое ќе го бркаме вкупно седмиот триумф односно ќе пробаме да го вратиме пехарот онаму каде што беше во претходните шест години. Неизвесноста на денешниот меч траеше само до средината на вториот период, кога момците во сино-бели направија серија 13-0 за преземање на водството (37-30) и најава на сигурниот триумф. Веќе на стартот на третата четвртина дојдовме и до двоцифрена предност, која потоа само умешно ја одржувавме.

Најзабележителен денеска беше Предраг Самарџиски, кој средбата ја заврши со трипл-дабл ефект со 18 поени, 13 скока и 10 асистенции, како шести македонски кошаркар во историјата. Иве Ивановбеше најефикасен со 21 поени со седум скока. Веднаш до центарскиот двоец беше капитенот Дамјан Стојановски со 17 поени и седум скока, додека двоцифрен ефект имаше и Марко Симоновски со 13 поени.

Противник на МЗТ Скопје Аеродром во битката за седмата титула ќе биде подобриот од второто полуфинале во кое вечерва третиот меч ќе го одиграат Работнички и Блокотехна. Резултатот во серијата е 1-1, а се игра до три победи. Без разлика дали оваа пресметка ќе биде завршена во четири или пет средби, големото плејоф-финале ќе почне следниот петок (6 јуни) и исто така ќе се игра до три победи (петок, недела, вторник).