Print this page

Плејофот го почнуваме со полуфинална пресметка со Гостивар!

2019 22 May

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром во плејофот влегуваат од првата стартна позиција со оглед на лидерската позиција на табелата по 30 одиграни меча во регуларниот дел од шампионатот, што значи дека во полуфиналето од доигрувањето ќе ги одмерат силите со четвртопласираниот Гостивар.

Сино-белите, инаку, Суперлигата ја завршија вечерва и тоа со неважен пораз во пресметката против Работнички (88-84), кому му гостувавме во Куманово. Тоа беше меч без никакво резултатско значење, поради што тренерите на двата тима калкулираа со минутажата на носителите на играта. Во нашиот тим по два меча пауза, поради помала настинка, се вратија Американците Лестер Медфорд и Џејмс Вудард, колку да влезат во ритам за најважниот дел од сезоната. Надвор од тимот сѐ уште се Андрија Бојиќ и Андреј Маслинко.

Противникот клучната предност ја направи во третиот период, а нашите момци до крајот дадоа сѐ од себе за да се вратат во ситуација да дојдат до бодовите, колку тие да не беа важно во овој натпревар. Иве Иванов со 18 поени беше најпрецизен кај МЗТ Скопје Аеродром, Предраг Самарџиски имаше 13 поени со 15 скока, а ист број поени како него имаше и Марко Симоновски.

Првиот полуфинален меч против Гостивар ќе го одиграме в недела во „Јане Сандански“ со почеток во 20.15 часот. Серијата се игра до три победи.

КОНЕЧНА ТАБЕЛА: МЗТ Скопје 25-5, Работнички 24-6, Блокотехна 22-8, Гостивар 21-9, Кожув 13-17, Куманово 12-18.