Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром по голема борба и едно продолжение го совладаа тимот на Кожув (89-88) и ја задржаа предноста од две победи пред Работнички, директниот ривал за стартната позиција број еден пред плејофот.
Тоа беше последен меч од 6. коло од Суперлигата во кој настапивме без повредените Андрија Бојиќ, Марко Симоновски и Андреј Маслинко, а во поголем дел од средбата и без Предраг Самарџиски кој во финишот од првото полувреме доби прст во око. Тоа не ги спречи останатите да го остават последниот атом енергија на паркетот во сите 45 минути и да дојдат до посакуваниот триумф.
Стрелец на клучната тројка беше Дамјан Стојановски на 17 секунди, по што успешно го одбранивме последниот напад на гевгеличани, идентично како и во финишот од регуларниот дел, но тогаш при изедначен резултат (81-81). Капитенот одигра одлично и во текот на целиот меч, кој го заврши најефикасен со 22 поени, пет скока и четири асистенции. Веднаш зад него со учинокот беа Џејмс Вудард со 16 поени и девет скока, Дарко Соколов со 15 и Љубомир Младеновски со 14 поени и 11 скока.
Време за одмор и залекување на раните нема премногу, бидејќи веќе задутре ќе одиграме уште едно дерби и тоа на гости против третопласираната Блокотехна.
ТАБЕЛА: МЗТ Скопје 23-3, Работнички 21-5, Блокотехна 19-7, Гостивар 18-8, Кожув 13-13, Куманово 11-15.