Прашање за МВР: До кога МЗТ Скопје Аеродром ќе биде жестоко казнуван?!

2019 15 Мар

КК МЗТ Скопје Аеродром би сакал да ја информира спортската јавност во државата за драматичните моменти со кои се соочува, а кои се закануваат да ја нарушат егзистенцијата не само на професионалците од првиот тим туку и на големиот број таленти кои ги имаме во нашите редови и тоа пред сѐ поради драконските казни кои редовно ги добиваме од Министерството за внатрешни работи (МВР).

Наместо тешко обезбедените средства да ги трошиме за правилен развој на нашата младина, за нивни стипендии и правилни спортски оброци, принудени сме голем дел од буџетот да го користиме за плаќање на казните кои ги добиваме речиси по секој одигран натпревар. Тие се драконски - 8.000 евра за секој меч на кој се случува барем нешто што не му се допаѓа на МВР и тоа 5.000 евра за клубот и уште 3.000 евра за одговорното лице. Згора на тоа, автоматски за тоа ни следува и казна од МКФ, а санкција има и за индивидуалецот кој е потенциран.

Ова ни се случува без разлика дали играме дома или на гости, доволно е на трибините да има барем еден навивач со нашите обележја. Саботното дерби со Работнички е најдобар пример за тоа! Без разлика што бевме гости, повторно бевме жестоко сакнционирани од МВР со сума која е еднаква на 20 просечни македонски плати. Очигледно на одговорните воопшто не им е важно дали сме ги презеле сите законски мерки за организација на натпреварот, дали сме ги поднеле потребните пријави и ангажирале доволен број професионални редари. Ако на мечот се случи и најмала ситница која не им се допаѓа, епилогот е стравичен за нас – 480.000 денари помалку на нашата сметка.

Наместо државата да го штити и да го помага врвниот спорт, во кој МЗТ Скопје со години наназад припаѓа, таа удира онаму каде што е најтенко и тоа со огромни казни кои би претставувале товар за далеку побогати клубови од поразвиени европски земји. Ние како клуб секогаш бараме поддршка од нашите навивачи и стоиме позади нив, а ако МВР смета дека заедно делуваме како криминално здружение па мораат со високи казни да нѐ санкционираат, тогаш тоа нека им служи на честа. Пример сме за спортски колектив со убедливо најдобри услови во државата за спортско усовршување и со најдобри навивачи и само бараме шанса да продолжуваме да напредуваме без дополнителен финансиски товар.

Ова не е е проблем само на МЗТ Скопје. Знаеме дека со вакви драконски казни се соочуваат и други клубови, меѓу кои најмногу се КК Работнички и ФК и РК Вардар. И потоа се чудиме зошто нема публика на стадионите и салите. Заеднички заклучок ни е дека Законот за спречување насилство на спортските терени (ЗСНСТ), на кој се повикува МВР, е максимално ригиден и ригорозен, со превисоки казни и работи кои не се применливи кај нас. Поради овој Закон, кој е препишан од некои дијаметрално поразлични средини од нашата, клубовите повеќе пари даваат на неверојатно високите парични санкции, отколку на своите спортисти, што треба и е приоритет на секој спортски колектив во светот.

Поради тоа бараме државата сериозно да го разгледа овој проблем, кој се заканува да ја остави Македонија без врвен спорт. Бараме промена на ЗСНСТ, негово прилагодување на македонските услови и пред сѐ казнен систем прилагоден на нашиот стандард.

Во спротивно, сериозно размислуваме во иднина натпреварите да ги играме без публика, со затворени врати на салата, за да видат луѓето од МВР како е тажно врвен спортски натпревар да се одигра пред празни трибини. Спортот се игра за публиката, тој не е театар туку изобилува со страст, емоции, тензија и напнатост. Ако тие што носат одлуки не го сфатат ова, тогаш наскоро ќе ни се случи катастрофа на секое спортско поле.

4 Uni Banka.jpg4 sport m logo web.jpg6. adidas.jpgPekabesko 1.jpgadora logo za sajt.jpgaerodrom-novo-logo.jpgcedevita logo web.jpgcevahir logo za sajt.jpgsistina logo web.jpgtriglav logo.jpg

За нас

 
МЗТ Скопје Аеродром е кошаркарски клуб од Општина Аеродром, Македонија. Клубот е основан во 1966 година и во својата историја има освоено шест титули во Македонската кошаркарска лига во рамките на Југославија (1970, 1971, 1972, 1973, 1974, 1979), пет по осамостојувањето на Македонија (2012, 2013, 2014,2015, 2016) како и девет титули во Кошаркарскиот Kуп на Македонија (1996, 1997, 1999, 2000, 2012, 2013, 2014, 2016, 2018).
Покрај настапите во Македонската лига, „МЗТ Скопје Аеродром“ настапувал и во регионалната „АБА Јадранска лига“, како и во УЛЕБ Еврокупот.

Локација

Адреса: Булевар Јане Сандански бр.1, 1000, Скопје. Република Македонија

Контакт

тел/фах: +389 2 2444-567

email: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.

 

Следете не и на

Top of Page