Испечатете ја страната

Победа во „Градски парк“ како најсладок подарок за 53. роденден на МЗТ Скопје Аеродром!

2019 09 Мар

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром со најубав можен подарок, победа на теренот на најлутиот ривал Работнички (74-70) му го честитаа 53. роденден на клубот чиј дрес носат.

На денешен ден во 1966 година група ентузијасти го формираа тимот кој денеска важи за еден од двата најдобри во историјата на Македонија и кој е бренд дури и во пошироки рамки, со шест шампионски титули, девет трофеја во Купот и голем број настапи на европска сцена. Момчињата во сино-бела опрема одиграа мајсториски, искусно и ги искористија сите слабости на ривалот од „Градски парк“, по што дојдоа до успех значаен во борбата за највисок пласман пред плејофот.

Иве Иванов со 22 поени и девет скока и Предраг Самарџиски со 16 поени и 16 скока беа најпрецизни во нашиот тим, додека Лестер Медфорд постигна 13, а Дарко Соколов 10 поени.

МЗТ Скопје со оваа победа се искачи на првото место на табелата со скор 14-2, пред Блокотехна и Работнички кои имаа скор 13-2.