Испечатете ја страната

Време е за дерби: Утре со сите сили ќе го нападнеме „Градски парк“!

2019 08 Мар

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром немаат време за одмор, со оглед што само два дена по исцрпувачкиот натпревар со Сутјеска во АБА2 ќе го одиграат дуелот против најголемиот ривал на домашна сцена, Работнички и тоа утре (17.30 часот) во „Градски парк“.

Без разлика на се, сино-белите се решени да го дадат својот максимум за да му се реваншираат на вечниот противник за поразот во првиот дел од сезоната. Противникот поодморен влегува во натпреварот, но избраниците на тренерот Ѓорѓи Кочов веруваат во сопствениот квалитет и најавуваат борба за секоја топка и за секоја педа од теренот.

Аеродромци нема да бидат сами во „Градски парк“, со оглед што се очекува присуство од околу 200 навивачи на нашиот тим, чија поддршка од трибините и тоа како ќе ни биде потребна. Се најавува мобилизација меѓу сите на кои МЗТ Скопје им е во срцето што значи дека ќе се бара билет повеќе за делот од трибините кои ќе биде наменет за нашите фанови.

Тие што нема да може да дојдат до драгоценото парче хартија, средбата ќе може да ја проследат низ преносот на првиот канал на Македонската телевизија (МТВ).