Испечатете ја страната

Рутинска победа над АВ Охрид како загревање за важното гостување во Никшиќ

2019 03 Мар

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром без никакви проблеми, вечерва на домашен терен, го совладаа тимот на АВ Охрид (88-61) во меч во кој шанса добија сите од клупата, а носителите на играта имаа можност за дополнителен одмор пред исклучително важниот меч во среда на гости кај Сутјеска.

Триумфот беше обезбеден уште во првото полувреме, кое го добивме со 46-21, а сѐ останато беше рутинско одработување на задачата. Андрија Бојиќ со 15 поени беше најефикасен во нашиот тим, Предраг Самарџиски постигна 13, Љубомир Младеновски 12, а Дарко Соколов и Лестер Медфорд по 11 поени.

Екипата веќе задутре ќе отпатува во Никшиќ каде што еден ден подоцна ќе го одигра мечот кој победата е императив ако сакаме плејофот во АБА2 да го дочекаме на втората позиција, а со тоа да имаме предност на домашен терен во полуфиналето од доигрувањето. Но, на избраниците на тренерот Ѓорѓи Кочов воопшто нема да им биде лесно на овој натпревар, со оглед што и противникот ќе даде сѐ за да победи бидејќи сѐ уште е во игра и самиот да се најде во плејофот во АБА2.