Испечатете ја страната

Маслинко успешно опериран, ќе се врати навреме за шампионската битка!

2019 26 Фев

Еден од најталентираните македонски кошаркари во моментов, Андреј Маслинко, ќе отсуствува од тренинзите и натпреварите на МЗТ Скопје Аеродром најмалку до почетокот на април, а причина за тоа е повредата на препоните, која пред неколку дена успешно му беше санирана по хируршки пат.

Крилниот центар беше опериран во болницата „Систина“, еден од нашите големи пријатели и член на нашиот спонзорски тим, а се очекува наскоро да почне со рехабилитацијата откако ќе го мине постоперативниот период. Болките во препоните му создаваа големи проблеми на Маслинко во последниот период, поради што во договор со стручниот штаб и со лекарскиот тим на МЗТ Скопје Аеродром беше решено да замине „под нож“.

Македонскиот репрезентативец се очекува да биде максимално подготвен за најважниот дел од домашното првенство, а тоа се пресметките од Суперлигата и од плејофот. Неговата енергија и експлозивност и тоа како ќе му дојдат добро на тренерот Ѓорѓи Кочов, пред делот од сезоната во кој примарна цел ќе ни биде враќањето на титулата во „Јане Сандански“, а најверојатно би можел да помогне и во доигрувањето за влез во елитната АБА-лига.