Испечатете ја страната

Лесно го освоивме Гостивар за осма победа по ред во Првата лига!

2019 10 Фев

Полната сала и релативно пеколната атмосфера не ги исплаши кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром, кои со добра одбрана и концентриран напад без поголеми проблеми дојдоа до победа на гостувањето кај Гостивар (74-61).

Сино-белите со стартните шест поени во низа покажаа дека немаат намера да дозволат изненадување, а нешто подоцна со серија 9-0 се одвои на плус осум (20-12) пред крајот на првата четвртина. Тоа беше најава на триумфот на гостинот од Скопје, кој кон средината на вториот период првпат дојде и до двоцифрена позитива (29-18), која потоа умешно ја одржа до самиот крај.

Позитивата на аеродромци ја достигна и границата од 20 поени во третиот период од играта, што се покажа како доволна за сигурен триумф и осми триумф во низа во домашниот шампионат.

Марко Симоновски одигра одличен натпревар и за 17 минути постигна ист број поени (пет тројки со две промашувања), а идентичен поентерски ефект имаше и Иве Иванов. Љубомир Младеновски го одигра сигурно најдобриот меч по враќањето во „Јане Сандански“ со 15 поени и девет скока додека ист број поени реализира и Џејмс Вудард.

Ова беше последен дуел за нашиот тим пред три неделната пауза во која прво ќе се одигра завршниот турнир од Купот на Македонија, следниот викенд во Гевгелија, а потоа настап ќе има и македонската репрезентација во претквалификациите за ЕП 2021.