Испечатете ја страната

Кочов: Време е да покажеме дека добро играме и против домашни екипи!

2019 20 Јан

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром вечерва ќе ја имаат првата домашна обврска во 2019 година и тоа на домашен терен против Блокотехна (19 часот), тимот кој им го нанесе едниот од двата порази во првиот дел од Првата лига.

Сино-белите во овој дуел гледаат одлична шанса за реванш за неуспехот во Гевгелија, но и за продолжување на низата добри игри во АБА2-лигата, каде што нашиот тим е во самиот врв од табелата. Американецот Лестер Медфорд сѐ уште е надвор од стројот, Љубомир Младеновски и понатаму се рехабилитира по повредата на раката, додека деби на македонска сцена ќе има поранешниот македонски репрезентативец, Предраг Самарџиски.

„Веќе ги заборавивме триумфите во последно време во АБА2-лигата, без разлика колку тие беа убедливи и веднаш почнавме да се фокусираме на пресметката со Блокотехна во домашниот шампионат. Редно време е да покажеме дека овој МЗТ може да игра добро и во македонската лига, а не само во регионалното натпреварување“, изјави Кочов.

Аеродромци се во низа од две победи во АБА2, а имаат осум триумфи во последните 11 меча во регионалната конкуренција. Ова ќе биде вкупно 11. меч досега против Блокотехна, во кој МЗТ Скопје ќе ја брка седмата победа во меѓусебните пресметки.

Мечот се игра во големата сала во „Јане Сандански“, а влезот е бесплатен. Предвиден е телевизиски пренос на собранискиот канал на МТВ.