Луковски: Во МЗТ Скопје градиме „фабрика за таленти“ во која сите ќе се сакаат да дојдат!

2018 04 Дек

Поранешен играч и тренер на МЗТ Скопје Аеродром, репрезентативец на поранешна СФР Југославија, предводник на голем број екипи од просторот на некогашната заедничка држава, а во последните две и повеќе децении сопственик на една од најплодните кошаркарски школи во Србија.

Станува збор за Јанко Луковски, добро познато кошаркарско име, кое од минатото лето ја има улогата на советник на тренерот на првата екипа, Ѓорѓи Кочов, со посебна задача за работа со тренерите кои функционираат во нашиот младински погон. Со прославениот стратег поразговаравме за неговиот ангажман во нашиот клуб и за визијата која тој ја има од меѓусебната соработка.

Уште минатата година влегов во одреден проект со МКФ и работев со условно најдобрите и најперспективни кошаркари кои во моментов ги има Македонија, што, пак, ми даде можност да согледам одредени работи. Најважен извлечен заклучок за мене од тој период е проблемот со стручниот кадар, кој е многу важен сегмент кошарката да оди напред. Потоа во приказната за евентуална соработка влезе и МЗТ Скопје преку тренерот Кочов, со кого имам одличен однос и за кого сметам дека има предиспозиции за големи резултати. Моето прво прашање беше каква е вашата стратегија, на што ми беше одговорено дека сакаат промена на политиката и наместо купување скапи странци да почнат да произведуваат домашни таленти од кои бенефит би имал и клубот, но и македонската кошарка во целост. Со тоа ме 'купија' и соработката почна, со напомена дека мојот фокус ќе биде во младинската школа, но првенствено на развој на тренерите кои работат во неа“, го почна разговорот Луковски.

Искусниот тренер секој месец по најмалку десетина дена е во Скопје, период во кој дава сѐ од себе во обидот да пренесе дел од своето богато кошаркарско знаење.

„Најважно, за мене, кај младите тренери се карактерните предиспозиции за оваа професија, дали ги имаат, бидејќи кошарката е нешто што може да се научи. Без таков карактер тешко се доаѓа до тренерските височини и моја задача паралелно со пренесувањето на знаењето е и да проценам кој од нив во себе го има тој 'икс фактор' за успешно да работи во младинската школа на МЗТ Скопје. Кога ќе се формира квалитетен тренерски тим, тоа автоматски ќе ги привлече и талентите од сите екипи и градови, бидејќи ќе знаат дека доаѓаат во средина во која може само да напредуваат. А, кога ова ќе го дополните со клупска стратегија за давање шанса на младите македонски играчи, тогаш тоа ви е комбинација која во одреден временски период мора да донесе одлични резултати“, објаснува искусниот тренер.

Уште на стартот на соработката се поставени заеднички цели кои и двете страни би сакале да бидат остварени.

„Наша цел е да го направиме МЗТ Скопје средина во која сите млади играчи во државата ќе сакаат да дојдат, бидејќи знаат дека ќе ги имаат најдобрите услови за работа, со стручни тренери и кои, кога ќе дојде време, ќе конкурираат за влез во првата екипа каде што со раширени раце ќе се пречека нивниот талент. Токму поради ова сум и дојден и тоа сакам да го направам. Нема преголема филозофија, ова е нешто што се правело во минатото, што се прави во Европа и што мора да се прави и кај нас, а овој клуб е иделното место за тоа. Особено што организациски е среден на ниво ниво на најдобрите српски клубови, кои најчесто се репер за добра работа со младите и талентираните“, вели Луковски.

Уште од првиот ден, поставени се одредени постулати кои мора да бидат исполнети во периодот кој е одреден од Луковски.

„Прва работа која им ја кажав на тренерите кои работат во младинската школа на МЗТ Скопје е дека најважно од сѐ треба да им биде како нивните екипи ја презентираат кошарката. Не треба да се оптоваруваат дали по секоја цена ќе победат или ќе изгубат. Веќе неколку пати им кажав на сите дека се заштитени како бела мечка во поглед на резултатите, но важно ми е како ќе играат нивните избраници, бидејќи тоа е показател како се тренира. Ова е подолгорочен процес и играчите треба да стигнат на посакуваното ниво. Со еден систем во кој е важен интензитетот, во кој критериумите се строги и во кој има позитивна селекција и посакувана атмосфера тогаш успехот мора да дојде, секако со текот на времето бидејќи ништо добро не се случува преку ноќ“, е рецептот на некогашната легенда на македонската кошарка.

Актуелниот вицешампион летово во првиот тим приклучи поголем број младинци, што се покажа како дополнителен фактор да дојде до соработка со Луковски.

„Фактот што МЗТ Скопје годинава реши да вклучи пет-шест млади кошаркари во првиот тим беше и една од главните причини што прифатив да дојдам да помогнам, бидејќи видов стратегија каква што посакувам да има во сите други македонски екипи. Тие што се вклучени се и меѓу најдобрите во Македонија во своја возраст, што, пак, е показател дека клубот станува посакувана средина за најголемите таленти. Нивниот развој сега зависи и од нив самите, но и од шансата која ќе ја добијат не само во првиот тим туку и во втората екипа, каде што ќе ја имаат потребната минутажа. Тие само треба да сфатат дека таа екипа е направена токму поради нив и дека нивното играње таму не е деградирање туку е огромна шанса каква што многумина пред нив ја немале за развој и напредок“, коментира Луковски.

Пред почетокот на сезоната беше потврдена соработката и вербата во 34-годишниот Кочов, кој ја доби довербата во следниот период да го предводи МЗТ Скопје од клупата, одлука која е поздравена и од искусниот тренер.

„Кочов ги има карактерните особини за да направи нешто во тренерската професија, а згора на тоа е исклучително одговорен и професионален, посветен на својата работа. Не остава ништо да не биде изанализирано и недоречено. Ќе има и победи и порази со Кочов, тоа е нормално. Но, за мене е најважно што екипата изгледа стабилно со него на клупата. Фантастично е што на 34 години доби ваква шанса и тоа е одличен потег на клубот, едноставно долгогодишна аквизиција на МЗТ Скопје. Убеден сум дека не може да најдете друг тренер на таа возраст со неговите особини и предиспозиции. Неговото именување треба да биде инспирација и за другите екипи да почнат да размислуваат во тој правец, да го најдат својот Кочов и да му дадат шанса. Сигурен сум дека нема да погрешат“, анализира Луковски.

За крај на разговорот, некогашниот кошаркар и тренер на МЗТ Скопје ја објаснува која е крајна цел од неговата соработка со некогашниот клуб.

„Да ги усмерам на вистинскиот пат тренерите од младинската школа на клубот, нивните критериуми и принципи да бидат според светските стандарди и потребите не само на клубот туку и на македонската кошарка во целост. Дојдов да пренесам тоа што го знам, на помладите е дали ќе го прифатат тоа што им го кажувам“, завршува Луковски.

4 Uni Banka.jpg4 sport m logo web.jpg6. adidas.jpgPekabesko 1.jpgadora logo za sajt.jpgaerodrom-novo-logo.jpgcedevita logo web.jpgcevahir logo za sajt.jpgsistina logo web.jpgtriglav logo.jpg

За нас

 
МЗТ Скопје Аеродром е кошаркарски клуб од Општина Аеродром, Македонија. Клубот е основан во 1966 година и во својата историја има освоено шест титули во Македонската кошаркарска лига во рамките на Југославија (1970, 1971, 1972, 1973, 1974, 1979), пет по осамостојувањето на Македонија (2012, 2013, 2014,2015, 2016) како и девет титули во Кошаркарскиот Kуп на Македонија (1996, 1997, 1999, 2000, 2012, 2013, 2014, 2016, 2018).
Покрај настапите во Македонската лига, „МЗТ Скопје Аеродром“ настапувал и во регионалната „АБА Јадранска лига“, како и во УЛЕБ Еврокупот.

Локација

Адреса: Булевар Јане Сандански бр.1, 1000, Скопје. Република Македонија

Контакт

тел/фах: +389 2 2444-567

email: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.

 

Следете не и на

Top of Page