Грнчаров: Го избравме потешкиот, но единствен исправен пат кон успехот!

2018 01 Дек

Репрезентативната пауза и периодот од десетина дена без натпревар, кој и тоа како добро им доаѓа на кошаркарите и стручниот штаб по пеколниот распоред со два меча неделно уште од почетокот на сезоната, е и можност да се направи анализа на тоа што досега е сторено.

МЗТ Скопје Аеродром во нешто повеќе од два месеци, одигра вкупно 17 натпревар со учинок од 12 победи и пет порази. Во АБА2-лигата сме третопласирани со скор 6-3, со стоотстотен учинок на домашните средби (пет од пет), додека во Првата лига во моментов сме на втората позиција со учинок 6-2. За тим кој секогаш има највисоки амбиции и навивачи кои од него секогаш очекуваат најмногу, нормално е што секој пораз боли, за што е свесен и извршниот директор на клубот, Тони Грнчаров.

„Не е лесно кога ќе се загуби, верувајте нас во клубот, кои вложуваме огромна енергија на секојдневна основа, секој пораз нѐ боли најмногу. Свесни сме дека има и критики и тоа е нормално, бидејќи сите знаеме кој е и што е МЗТ Скопје Аеродром и какви сѐ очекувања има секој што навива за него. Најлесно е на првата пречка да пресечеме, да донесеме звучно тренерско име од странство и уште седум странци, но тоа не е решение току само моментално алиби и префрлање на проблемите. Затоа, не се откажуваме од сопствените замисли за тоа како треба да ги достигнеме највисоките височини и ќе продолжиме да чекориме по патот за кој веруваме дека ќе нѐ однесе до врвот“, вели Грнчаров.

Аеродромци летово направија драстична промена во политиката на доведување кошаркари, па основата на екипата беше составена од репрезентативци на Македонија за разлика од претходно кога доминираа странците.

„Факт е дека составивме тим од шестмина македонски репрезентативци меѓу кои се и сигурно најголемите таленти кои нашата кошарка ги имала во последните десетина години како Андреј Маслинко, Љубомир Младеновски и Андреј Магдевски, кои се на возраст од 20-23 години и кои дефинитивно се основата на нашата долгорочна стратегија. И, кога имате играчи во кои досега ретко кој има целосна доверба, треба време тие да сфатат дека можат да одговорат и на најтешките задачи. Нормално е тие да имаат лош ден или да одиграат послаби партии, но на нас е да ја задржиме вербата во нив и да им дадеме поддршка кога најмногу им е потребна. Мораме да издржиме заедно, бидејќи некогаш прво мора да погрешиш па да научиш. Сакаме да иницираме македонската кошарка, конечно, да се сврти кон домашните таленти и да им даде шанса да играат. Тогаш, кога тие ќе знаат дека во нив се верува во матичниот клуб, нема така лесно да заминуваат во странство туку напорно ќе работат за да влезат во првата екипа“, објаснува првиот човек на тимот од Аеродром.

Освен македонскиот костур, во составот на МЗТ Скопје Аеродром сезонава настапуваат и четворица странци, Лестер Медфорд, Џејмс Вудард, Андрија Бојиќ и Иве Иванов, кои речиси на секој натпревар се меѓу најдобрите.

„Без разлика на нашата македонска стратегија, шампионските амбиции кои ги имаме нѐ приморуваат на тоа, бидејќи нашите навивачи од нас очекуваат титула. Но и летово, а така ќе биде и во иднина, многу внимателно ги биравме странците, кај кои освен играчките внимателно ги гледавме и човечките карактеристики. Наш приоритет е веќе кога мораме, да носиме интернационалци од кои домашните кошаркари ќе има што да научат како на теренот така и надвор од него. Мислам дека сезонава не погрешивме во проценката“, дополнува Грнчаров.

Истовремено, летово на клупата беше потврден 34-годишниот Ѓорѓи Кочов, кој ја доби целосната доверба на управата за подолгорочна работа.

„Сите што сме во кошарката сме свесни дека еден од најголемите причина за драстичниот пад е немањето квалитетни тренери. Тие можеби и постоеле во минатото, но едноставно не добивале шанса на сметка на сомнителни странци. Поради тоа, ние се решивме да му дадеме простор на младиот и амбициозен Кочов, кој, сигурен сум, не е ништо полош од сите странски тренери кои низ годините парадираа во МЗТ Скопје Аеродром. Тој допрва ќе го покаже својот квалитет и во целост ја има нашата доверба како управа“, вели директорот на „металците“.

Составен дел од новата политика во „Јане Сандански“ е и промената на начинот на работа во младинската школа, од која очекуваме наскоро да стане вистински расадник на таленти од кои ќе се пополнува првиот тим.

„Малкумина знаат дека летово направивме целосна реорганизација на младинската школа заедно со координаторот Огнен Стојановски. Донесовме голем број талентирани кошаркари од внатрешноста на државата бидејќи кошарка не се игра само во Скопје. Наша цел е уште во најрана возраст да ги најдеме новите Гечевски, Стефанов, Илиевски и да им овозможиме напредок во речиси идеални услови со кои несомнено располагаме. Истовремено, ангажиравме и млади и амбициозни тренери, како Дарко Димитријевиќ и Васко Атанасов, од кои очекуваме многу, пред сѐ поради тоа што на нивното усовршување ќе работат имиња како Јанко Луковски, Горан Крстевски и Бранко Крстевски за физичка подготовка. Имаме втора екипа во која се натпреваруваат тие што тропаат на вратата на првиот тим. За првпат, секоја генерација, почнувајќи од М12, има искусен тренер и помлад помошник кој ќе учи од него“, потенцира Грнчаров.

Сето ова воопшто не би било можно без одличните услови за работа со кои располага МЗТ Скопје Аеродром.

„Навистина имаме прекрасни услови како во 'Јане Сандански', така и во спортскиот центар 'Ново Лисиче“ и во училиштата кои гравитираат во општина Аеродром и затоа сакаме работите да ги поставиме на место. Наша цел е да го искористиме сето ова и станеме бренд на Балканот познат по својата младинска школа и непресушниот извор на таленти, а не како што беше досега по земањето странци по секоја цена. Во регионот бевме познати по тоа што менувавме по тројца тренери во сезона и намалку шест-седум играчи. Тоа мора да се смени и да почнеме да работиме долгорочно. Немам ништо против странците, кои нормално треба да ги има, но во одреден број и на позиции на кои сме навистина дефицитарни. МЗТ Скопје Аеродром бил и ќе остане најдобар клуб во Македонија, а на нас е со напорна секојдневна работа да го потврдиме тоа“, завршува првиот човек на актуелниот вицешампион.

Следен меч за нашиот клуб е в четврток (6 декември), кога во Аеродром ќе гостува црногорскиот претставник во АБА2-лигата, Сутјеска.

4 Uni Banka.jpg4 sport m logo web.jpg6. adidas.jpgPekabesko 1.jpgadora logo za sajt.jpgaerodrom-novo-logo.jpgcedevita logo web.jpgcevahir logo za sajt.jpgsistina logo web.jpgtriglav logo.jpg

За нас

 
МЗТ Скопје Аеродром е кошаркарски клуб од Општина Аеродром, Македонија. Клубот е основан во 1966 година и во својата историја има освоено шест титули во Македонската кошаркарска лига во рамките на Југославија (1970, 1971, 1972, 1973, 1974, 1979), пет по осамостојувањето на Македонија (2012, 2013, 2014,2015, 2016) како и девет титули во Кошаркарскиот Kуп на Македонија (1996, 1997, 1999, 2000, 2012, 2013, 2014, 2016, 2018).
Покрај настапите во Македонската лига, „МЗТ Скопје Аеродром“ настапувал и во регионалната „АБА Јадранска лига“, како и во УЛЕБ Еврокупот.

Локација

Адреса: Булевар Јане Сандански бр.1, 1000, Скопје. Република Македонија

Контакт

тел/фах: +389 2 2444-567

email: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.

 

Следете не и на

Top of Page