Во квалитетен и до крај неизвесен и возбудлив натпревар, кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром вечерва загубија во пресметката со вечниот ривал Работнички (88-90).
Противникот подобро се снајде во мечот во кој ниту една од двете екипи не се одлепи резултатски, освен на самиот почеток кога центарци имаа 17-7, предност која набрзо потоа со серија 11-2 ја анулиравме. Во финишот со тројките на Марко Симоновски во неколку наврати и поведовме, но скапо го плативме пропустот во одбраната по кој Мираковски остана сам и ја погоди клучната тројка.
Андрија Бојиќ со 21 поен беше најпрецизен во нашиот тим, Дамјан Стојановски реализира 14 поени додека Симоновски и Вудард постигнаа по 12 поени.
Кошаркарите и стручниот штаб немаат премногу време за анализа на ова прво дерби во долгата сезона што е пред нас, со оглед што веќе в четврток нѐ очекува значаен меч во АБА2-лигата и тоа на домашен терен против српски Динамик.