Испечатете ја страната

МЗТ Скопје го ребрендира логото по теркот на големите светски клубови!

2018 27 Авг

Шесткратниот македонски шампион, МЗТ Скопје Аеродром, од следната сезона ќе настапува со ново лого, кое ги задржува главните елементи на досегашното и кое ќе биде со модернизиран изглед по теркот на најголемите светски спортски брендови.

Новиот симбол на клубот, кој е изработен во соработка со нашите верни навивачи, го задржува духот и симболиката на МЗТ Скопје Аеродром. Овој потег претставува продолжување по патот на темелни промени во клубот, пред сѐ во начинот на работа во однос на минатото. Наш приоритет ќе остане желбата за константна битка за трофеите на домашна сцена и достојна презентација на регионална и европска сцена, но идентична енергија ќе вложиме и во работата со талентите во младинската школа, која се надеваме во најскоро време ќе прерасне во непресушен извор на домашен потенцијал за првиот тим

За таа цел е и привлекувањето на што е поголем број квалитетни тренерски професионалци, нивна постојана едукација и креирање на здрава средина во која младите би учеле кошарка, но и би се издигнувале како личности. Сето ова нема да биде само поради желбата за промоција и напредок на МЗТ Скопје Аеродром, туку и на македонската кошарка во целост.

Со ребрендирањето на логото сакаме да означиме еден нов почеток со нов начин на размислување, кое ќе биде допадливо за сите на кои низ вените им тече сино-бела крв, но и на оние кое само сакаат напредок на макбаскетот, без да се оптоваруваат со клупска припадност.