Print this page

Андрија Бојиќ уште една сезона во дресот на МЗТ Скопје Аеродром!

2018 06 Jul

Кошаркарот кој преку ноќ ги освои нашите навивачи, Србинот Андрија Бојиќ (24 год, 207 см), ќе остане уште најмалку една сезона во таборот на МЗТ Скопје Аеродром, откако беше постигнат договор за продолжување на соработката која ќе биде официјализирана во текот на следната недела.

Станува за силно крило, кој по потреба може да одигра и на центарската позиција и кој одлично си ја заврши работата по доаѓањето во Аеродром на крајот од месец март. Со својот однос, борбеност, желба и големо срце веднаш стана миленик на сите на кои при срце им е сино-белата боја, поради што управата стори сѐ за да го задржи во „Јане Сандански“.

Бојиќ симпатиите ги освои со само 15 одиграни средби во домашното првенство, на кои имаше просек од 12,5 поени и 6,9 скока за нешто повеќе од 20 минути поминати на теренот. Тој во нашиот тим дојде од романска Политехника Јаши, кариерата ја почна во Мега Визура. а досега има настапувани и за ОКК Београд, Борац Чачак, Младост Земун како и унгарски Јазберени и полскиот тим Полфарма.

Ова е второ обновување договор денеска, откако претходно тоа го сторивме и со капитенот Дамјан Стојановски. Засега сигурни во составот за следната сезона, кој ќе биде предводен од Ѓорѓи Кочов, се уште и Дарко Соколов, Андреј Маслинко, Љубомир Младеновски и Американецот Лестер Медфорд.