Испечатете ја страната

Фантастичниот Крафорд ја среди Блокотехна и ни донесе финале во Купот на Македонија

2018 17 Фев

Со неверојатен учинок од 30 поени само во второто полувреме, Американецот Џордон Крафорд беше јунакот во вечерашната победа на МЗТ Скопје Аеродром во полуфиналната пресметка со Блокотехна (89-78) на завршниот турнир од Купот на Македонија во Кавадарци.

Американецот беше тивок во првите две четвртини, во кои противникот ја имаше иницијативата и водството, кое на моменти беше изразено и со двоцифрена разлика, но експлодира во третата четвртина во која постигна 17 поени за идентично водство, но на нашиот тим (69-59). Претходно, во финишот од вториот период, сино-белите момци, помогнати од стотината припадници на „Фемили“, со серија 19-3 направија целосен пресврт и го најавија среќниот крај.

Избраниците на тренерот Жељко Лукајиќ умешно го одржуваа водството до крајот на средбата, за прв триумф против тимот од Гевгелија по двата порази во досегашниот дел од првенството. Крафорд средбата ја заврши со 32 поени, Бојан Трајковски постигна 16, а Дамјан Стојановски 14 поени.

Утре, во големото финале, силите ќе ги одмериме со тимот на Работнички (19 часот). Тоа ќе биде шесто вечно дерби во пресметката за трофејот во ова натпреварување.