Испечатете ја страната

Против Блокотехна вечерва играме за 13-то финале во Купот на Македонија

2018 17 Фев

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром ќе се обидат по 13-ти пат да се најдат во големото финале од Купот на Македонија, за што им е потребна победа во вечерашната полуфинална пресметка против Блокотехна (20.30 часот) на завршниот турнир во Кавадарци.

Сино-белите синоќа, во четвртфиналната пресметка, лесно и убедливо го совладаа Фени индустри во меч во кој шутот функционираше беспрекорно за што говори фактот што постигнаа дури 115 поени. Мотивацијата во тимот е на најголемо можно ниво, првенствено поради желбата да се продолжи атакот на победничкиот пехар, но и поради можноста за реванш на гевгеличани за двата порази во досегашниот дел од сезоната.

„Куп-натпреварувањето е секогаш критично бидејќи се случуваат изненадувања. Важно е дека одиме понатаму, дека победивме и тоа со висока разлика. Блокотехна е неверојатен тим, добро воигран и ако ја спречиме нивната игра 'два на два' имаме реални шанси за победа“, вели тренерот Жељко Лукајиќ.

МЗТ Скопје на турнирот во Кавадарци го брка деветиот трофеј во Купот на Македонија со што би се изедначил со Работнички на врвот од вечната листа победници во ова натпреварување.