Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром го завршија настапот на завршниот турнир од Купот на Македонија во Гевгелија, откако во полуфиналната пресметка не успеаја да го совладаат Работнички (89-93).
Тоа беше еден од најдраматичните дербија во досегашната историја со две продолженија и со многу пресврти и шанси за триумф на двете страни. Сино-белите преку Андрија Бојиќ по одлично изведена акција го изедначија резултатот на три секунди до крајот на регуларниот дел, а во дополнителните десет минути имаа свои шанса за конечен триумф. Но, за жал тие не беа искористени, меѓу кои беше и промашената тројка на Марко Симоновски за трето продолжение.
Андрија Бојиќ со 21 поен и седум скока беше најпрецизен во нашиот тим, додека Иве Иванов и Џејмс Вудард постигнаа по 14 поени.
Нашите кошаркари немаат премногу време да жалат за пропуштената шанса за ново куп-финале, бидејќи веќе в среда ги очекува исклучително важно гостување кај Задар во првиот дуел од баражот за пласман во АБА.