Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром не успеаја да го совладаат Нижни Новгород (82-97) во вечерашниот меч од 9. коло од Еврокупот, првенствено поради фантастичниот шут на гостинскиот тим, но и поради настапот без тројца стандардни првотимци.
На веќе извесно време отсустниот Ксавиер Темс (семејни проблеми), вечерва му се придружија Стефан Синовец (стомачен вирус) и Ѓорѓе Дреновац (скочен зглоб), што и тоа како се осети во играта на „металците“. Руските кошаркари почнаа агресивно, од почеток ја почувтствуваа слабоста во играта на сино-белите и брзо дојдоа до висока предност, која умешно ја одржаа до самиот крај.
Јуре Лалиќ одигра фантастичен натпревар со 22 поени и тоа со само две промашувања од поле (10/12). Поголемата минутажа одлично ја искористи македонскиот репрезентативец, Адем Мекиќ, со 14 поени, четири скока и три украдени топки, исто толку поени постигна и Даниел Кларк, а Шарлон Клоф реализира 15 поени со шут 7/7 за два поени.
Избраниците на тренерот Анте Назор ќе немаат премногу време за анализирање на овој дуел бидејќи веќе задутре заминуваат за Бар каде што в сабота ќе ги одмерат силите со домаќинот Морнар во меч од АБА-лигата. Последниот дуел од Еврокупот, пак, ќе го одиграме следната средба и тоа како гости на досега неприкосновената шпанска екипа Гран Канарија.