МЗТ Скопје Аеродром нема да се откаже од Еврокупот!

2016 08 Ное

Кошаркарскиот клуб МЗТ Скопје Аеродром и покрај сѐ што се случува во последниот период, би сакал уште еднаш да ја потенцира својата решеност да продолжи со настапот во престижниот Еврокуп, пред сѐ поради фактот што тоа е во интерес на македонската кошарка во моментите кога репрезентативните селекции бележат катастрофални резултати на сите полиња

Читајќи го последниот допис од ФИБА Европа (приложен со ова соопштение), не гледаме толку ригорозни ставови во врска со евентуална казна на клубовите кои настапуваат во Еврокупот, како што некој сакаше тоа да го претстави на денешниот состанок на УО на МКФ. Во него се споменува дека екипите што играат под капата на УЛЕБ немалo да ги пуштаат своите репрезентативци, без да се дообјасни дека таквото нешто би можело да се случи дури следната сезона, а не оваа во која се спори нашиот настап во Европа. Згора на тоа, во дописот никаде не е конкретно наведено дека е загрозено учеството на репрезентацијата на Македонија во натпреварите во кои треба да се бориме да не испаднеме во дивизија Б.

Затоа, нѐ зачудува константниот притисок кој го трпиме од челниците на МКФ за напуштање на кошаркарскиот крем, кое е под закрила на некакво си барање од ФИБА, кое ниту еднаш досега не дошло во конкретна писмена форма. Знаејќи ги можните правни последици, Европската федерација само испраќа опоменувачки писма со наводни последици за своите членки, оставајќи им ја валканата работа на националните федерации. Во тој контекст ја сфаќаме и денешната закана од УО на МКФ за евентуална казна ако не се повлечеме од Еврокупот, нешто што не само што нема да го прифатиме туку и нешто против кое ќе се бориме со сите расположиви правни аргументи и средства.

МЗТ Скопје Аеродром е сериозен клуб, кој своите планови, а со тоа и буџет ги прави многу пред почетокот на сезоната. Веќе имаме потпишано спонзорски договори со реномирани коминтенти и преземено обврски кои се тесно поврзани со настапите во Еврокупот. Тука е и договорот за телевизиски права, кој исто така е значајна ставка во нашата годишна пресметка. Ова значи дека евентуалното откажување од ова натпреварување ќе нѐ доведе во непријатна ситуација да плаќаме пенали и да се најдеме во ситуација во која би била загрозена целосната егзистенција на петкратниот шампион на Македонија. И, се прашуваме, дали во една вакво црно сценарио за нашиот клуб, МКФ или ФИБА Европа би ни ги покриле овие огромни загуби. Или само би биле колатерална штета во војната на големите кошаркарски сили.

Ова е глобален проблем кој засега многу пореномирани земји, речиси сите учесници на следниот Евробаскет, на кој, за жал, нема да се најде и Македонија, а по чија вина тоа допрва треба да се утврди, ако одговорните решат да поднесат извештај. Затоа, на луѓето од МКФ им порачуваме да не избрзуваат при донесувањето на одлуките и своите постапки да ги координираат со останатите засегнати федерации, пред сѐ тие од просторот на поранешна СФР Југославија. Не бараме ништо повеќе, само заштита и поддршка каква што имаат матичните клубови од националните федерации на Црна Гора, Хрватска, Србија... Да се наштети е многу лесно, да се помогне во проблематична ситуација е доблест, која и тоа како треба да биде во описот на задачата на луѓето кои ние клубовите ги избравме за свои предводници.

Главен интерес на МЗТ Скопје Аеродром секогаш е развојот на кошарката и доброто на луѓето кои живеат во нашата потесна, но и поширока заедница. Поради тоа, борбата за сопствените права ја сфаќаме максимално сериозно, бидејќи со тоа истовремено се бориме за секој што сино-белата боја му е при срцето, но и за сите кои му мислат добро на македонскиот спорт. Уверени сме дека немаме направено грешка и подготвени сме да се бориме за своите права и тоа на идентичен начин како илјадниците играчи кои минале низ нашиот тим – до последниот атом енергија и до последната капка пот.

4 Uni Banka.jpgGjorgievi logo2 mk za sajt.jpgNeuromedika za sajt.jpgaerodrom-novo-logo.jpgtriglav logo.jpg

За нас

 
МЗТ Скопје Аеродром е кошаркарски клуб од Општина Аеродром, Македонија. Клубот е основан во 1966 година и во својата историја има освоено шест титули во Македонската кошаркарска лига во рамките на Југославија (1970, 1971, 1972, 1973, 1974, 1979), седум по осамостојувањето на Македонија (2012, 2013, 2014, 2015, 2016, 2017, 2019) како и девет титули во Кошаркарскиот Kуп на Македонија (1996, 1997, 1999, 2000, 2012, 2013, 2014, 2016, 2018).
Покрај настапите во Македонската лига, „МЗТ Скопје Аеродром“ настапувал и во регионалната „АБА Јадранска лига“, како и во УЛЕБ Еврокупот.

Локација

Адреса: Булевар Јане Сандански бр.1, 1000, Скопје. Република Македонија

Контакт

тел/фах: +389 2 2444-567

email: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.

 

Следете не и на

Top of Page