Против Гран Канарија и Мекејлеб ќе ја славиме и 20-годишнината од победата над Реал Мадрид!

2016 27 Окт

Следниот домашен натпревар во рамки на Еврокупот, закажан за 9 ноември против Гран Канарија во салата „Јане Сандански“, ќе биде искористен и за одбележување на еден од најважните и најголеми јубилеи во историјата на МЗТ Скопје Аеродром – 20-годишнината од победата над големиот Реал Мадрид, што воедно е во рамки на континуираната прослава на 50. роденден на нашиот клуб.

Доаѓањето на македонскиот кошаркарски херој Лестер Бо Мекејлеб, еден од најзаслужните на историското четврто место на ЕП 2011 во Литванија, беше само дополнителен мотив за управата на клубот прославата на овој голем настап од клупската историја да биде токму на средбата против шпанскиот прволигаш. Според замисленото, официјалниот дел од церемонијата ќе се случи на паузата помеѓу втората и третата четвртина, кога на паркетот ќе се појават членовите на легендарната генерација на МЗТ Скопје, која на 6 ноември 1996 година со резултат 69-68 го урна „кралскиот клуб“ предводен од имиња како Жељко Обрадовиќ, Дејан Бодирога, Оренга..., а кои ќе добијат пригодни подароци во сеќавање на овој голем датум.

Ова ќе биде исклучителна можност за сите навивачи на клубот, но и вљубеници во македонскиот спорт воопшто, уште еднаш да ги поздрават кошаркарите и тренерите чии имиња со златни букви се запишани во историјата на сино-белата чета. Се подготвуваат и други изненадувања, меѓу кои е и присуството на легендарниот коментатор Љубомир Николовски, чиј глас е своевиден заштитен знак за сите нашите големи победи од тој период.

Поради сето ова, управата на МЗТ Скопје Аеродром ги повикува сите оние кои пред две децении „висеа“ по оградите на популарната „Лименка“ и скокаа од радост и среќа по двете победнички слободни фрлања на Перо Блажевски, повторно да дојдат во овој пат модернизираниот „Јане Сандански“ и да се потсетат на досега најголемата победа во клупската историја. Исто така, би сакале да ги поканиме и оние што тогаш, поради малиот капацитет на салата, навиваа од пред малите екрани како и оние помладите да дојдат и уште еднаш да ги поздрават хероите од пред 20 години, нормално со уште еден френетичен аплауз каков што добија по последниот звук на сирената по триумфот над Реал Мадрид.

Влезниците за овој спектакл веќе од утре ќе можат да се купат и тоа на билетарницата пред салата „Јане Сандански“ , како и он-лајн преку интернет-страницата http://ticketplus.mk/. Цената е 150 денари.

4 Uni Banka.jpg4 sport m logo web.jpg6. adidas.jpgPekabesko 1.jpgadora logo za sajt.jpgaerodrom-novo-logo.jpgcedevita logo web.jpgcevahir logo za sajt.jpgsistina logo web.jpgtriglav logo.jpg

За нас

 
МЗТ Скопје Аеродром е кошаркарски клуб од Општина Аеродром, Македонија. Клубот е основан во 1966 година и во својата историја има освоено шест титули во Македонската кошаркарска лига во рамките на Југославија (1970, 1971, 1972, 1973, 1974, 1979), пет по осамостојувањето на Македонија (2012, 2013, 2014,2015, 2016) како и девет титули во Кошаркарскиот Kуп на Македонија (1996, 1997, 1999, 2000, 2012, 2013, 2014, 2016, 2018).
Покрај настапите во Македонската лига, „МЗТ Скопје Аеродром“ настапувал и во регионалната „АБА Јадранска лига“, како и во УЛЕБ Еврокупот.

Локација

Адреса: Булевар Јане Сандански бр.1, 1000, Скопје. Република Македонија

Контакт

тел/фах: +389 2 2444-567

email: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.

 

Следете не и на

Top of Page