Испечатете ја страната

Несреќен пораз од Лиеткабелис со кош во последната секунда!

2016 12 Окт

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром неуспешно го почнаа настапот во Еврокупот, откако вечерва претпеа шокантен пораз со кош во последната секунда во пресметката на гостински терен против литванскиот претставник Лиеткабелис со 89-90 (22-27, 13-23, 23-24, 16-31).

Македонскиот тим одигра херојски, даде сѐ од себе, но немаше среќа со триумф да ја круниса фантастичната игра во последниот период, кој го добивме со 31-14. Стефанов Синовец на 3,4 секунди до крајот постигна тројка за водство, но по промашен шут топката се одби до еден од играчите на Лиеткабелис кој даде кош со звукот на сирената.

Неиграњето на Ѓорѓе Дреновац, отсуството на Јуре Лалиќ (доби силен удар во слабината) во второто полувреме заедно со ионака тенката клупа и одличниот шут од далечина на противникот (12 тројки) се покажаа како клучен фактор во поразот на македонскиот шампион. Ако на ова се додаде и раскрвавената слепоочница на Урош Лучиќ на стартот од последната четвртина

Сино-белите храбро го почнаа дуелот против силниот противник, поведувајќи со 6-2 и со 9-5 во првите неколку минути, пред сѐ поради двете тројки на Урош Лучиќ. Но, домаќинот брзо потоа ја презеде контролата и со серија 11-2 дојдоа до првото поопипливо водство (16-11). Лиеткабелис ова водство го одржа до крајот на првиот период, додека во вториот, кога дојдоа замените во таборот на „металците“, домаќинот го засили ритамот и обезбеди двоцифрена, која се искачи и до највисоки плус 23 (45-68).

Но и покрај сите проблеми, избраниците на тренерот Александар Јончевски не се предадоа и со агресивна одбрана и смирени напади полека, но сигурно ја намалуваа предноста на противникот. Во последните две минути влеговме со само минус четири на семафорот (81-85), а со поените на Шарлон Клоф и со минус два во последната минута (86-88). Но, потоа едноставно снемавме среќа.

Стефан Синовец постигна 20 поени со шест скока, Урош Лучиќ и Ксавиер Темс по 17, а Клоф 10 поени со осум асистенции. Џош Скот реализира 11, а Јуре Лалиќ 10 поени за нецели 10 минути поминати на паркетот.

Следен меч за МЗТ Скопје Аеродром е гостувањето в недела кај Задар во рамки на 5. коло од АБА-лигата, а во Еврокупот сме слободни во следната рунда. Првата средба на домашен терен во ова натпреварување ќе ја играме на 26 октомври против хрватска Цедевита.