Мејси: Подготвен сум да бидам лидер на МЗТ Скопје Аеродром!

2016 31 Авг

Осум ипол години откако го доби македонскиот пасош и седум години по последниот настап во жолто-црвениот дрес, Џеремаја Мејси за првпат ќе биде во ситуација да настапува за клуб од својата втора татковина, нешто што, како што вели самиот, го возбудува и го тера да се чувствува како „руки“ и покрај тоа што е веќе на 34 годишна возраст.

„Иако одамна не сум бил во Македонија, тоа не значи дека ги имав прекинато сите контакти со државата чиј дрес носев пред извесно време. Изминативе години одржував каква-таква врска со поранешните репрезентативни соиграчи, но тоа се сведуваше само на СМС-пораки и куси телефонски разговори. Пресреќен сум што со потписот за МЗТ Скопје добив и можност повторно да се најдам во средина со луѓе кои ги сметам за пријатели и со кои се чувствувам одлично како Перо Антиќ, Дарко Соколов, Тодор Гечевски и други. Сигурен сум дека пред мене е одличен период, кој ќе биде крунисан со добри игри во сино-белиот дрес“, е првиот коментар на Мејси.

Настапот во дресот на македонскиот шампион воедно е и враќање на натурализираниот Американец на европско тло, на кое последен пат настапуваше за германски Бросе баскет во сезоната 2012/13. Потоа следуваше тригодишен престој во Либан, каде што крилниот центар успешно играше за екипите на Шампвил, Амчит клуб и за Ал ријади, а годинава прво беше дел од катарскиот тим Ал Гарафа, а потоа и од аргентинскиот прволигаш Депортиво Либертад.

„Кошарката е иста каде и да ја играте. Во Европа можеби се игра поцврста одбрана, обврските се понапорни, а пристапот попрофесионален. Но, не е многу поразлично и во Азија и во Јужна Америка каде што ги минав последните години. На крајот, целта е идентична, да дадеш повеќе поени од противникот. Начинот на кој ќе дојдеш до тоа и местото каде тоа ќе пробаш да го направиш и не е многу важно“, дополнува низ насмевка поранешниот македонски репрезентативец.

Мејси и пред да дојде во таборот на „металците“ бил делумно запознаен со средината во која сега ќе претстојува.

„Додека бев во националниот тим, а и потоа, разговарав со играчи кои во тоа време беа дел од МЗТ Скопје и нормално е дека се интересирав за клубот и за условите и начинот на работа во него. Ми кажуваа дека тоа е клуб во кој секогаш се бара атака на титулите и дека победите се приоритет. Токму ваквата амбициозност беше и една од причините поради кои се решив да потпишам за овој тим“, објаснува Мејси.

Зад македонскиот Американец е повеќе од солидна интернационална кариера со настапи за екипи како Реал Мадрид, Локомотив Кубан, Арис, поради што неговото искуство ќе биде драгоцено за четата на тренерот Емил Рајковиќ во пресрет на настапите во Еврокупот и во АБА-лигата.

„Подготвен сум да бидам лидер на МЗТ Скопје. Тоа е улога која ми се допаѓа и кон која сум тежел во секоја средина во која сум бил. Не бегам од одговорноста, верувам дека можам да придонесам во остварувањето на амбициите на клубот, за кои знам дека не се мали. Малку ми е чудно што сум највозрасен (се смее – н.з.), бидејќи сѐ уште не се гледам себеси како стар човек, но и тоа е нешто што ќе го прифатам. Имаме добар тим, добар микс на младост и искуство како и тренер кој одлично си ја знае работата. Верувам дека ќе оствариме добар резултат во периодот кој е пред нас“, завршува Мејси.

Американецот со македонски пасош веќе десетина дена е дел од тренинзите на македонскиот шампион, а своето неофицијално деби во сино-белиот дрес најверојатно ќе го има в понеделник (5 септември) кога МЗТ Скопје ќе му гостува на грчки ПАОК. Официјалната промоција на Мејси во сино-белиот дрес ќе се случи на 1 октомври на стартот од АБА-лигата и тоа во Белград во пресметката со актуениот шампион во ова натпреварување, Црвена звезда.

4 Uni Banka.jpgGjorgievi logo2 mk za sajt.jpgNeuromedika za sajt.jpgaerodrom-novo-logo.jpgtriglav logo.jpg

За нас

 
МЗТ Скопје Аеродром е кошаркарски клуб од Општина Аеродром, Македонија. Клубот е основан во 1966 година и во својата историја има освоено шест титули во Македонската кошаркарска лига во рамките на Југославија (1970, 1971, 1972, 1973, 1974, 1979), седум по осамостојувањето на Македонија (2012, 2013, 2014, 2015, 2016, 2017, 2019) како и девет титули во Кошаркарскиот Kуп на Македонија (1996, 1997, 1999, 2000, 2012, 2013, 2014, 2016, 2018).
Покрај настапите во Македонската лига, „МЗТ Скопје Аеродром“ настапувал и во регионалната „АБА Јадранска лига“, како и во УЛЕБ Еврокупот.

Локација

Адреса: Булевар Јане Сандански бр.1, 1000, Скопје. Република Македонија

Контакт

тел/фах: +389 2 2444-567

email: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.

 

Следете не и на

Top of Page