Испечатете ја страната

МЗТ Скопје Аеродром ги почна подготовките за новата сезона (ФОТО)

2016 15 Авг

Со четворица од досега потпишаните странци, без тројцата македонски репрезентативци и со речиси двоцифрен број таленти чие време допрва доаѓа, МЗТ Скопје Аеродром ги почна подготовките за новата сезона, во која ќе настапува во Еврокупот, АБА-лигата и во двете домашни натпреварувања и која се совпаѓа со 50-годишниот јубилеј од формирањето на клубот.

Новиот тренер Емил Рајковиќ и неговиот асистент Александар Јончевски на првиот тренинг на располагање ги имаа српските интернационалци Урош Лучиќ и Ѓорѓе Дреновац, Хрватот Јуре Лалиќ и Американецот Џош Скот, како и Лука Петровски, Андреј Цветковски и Михајло Арсоски, кој и сезонава ќе биде позајмен на тимот на АВ Охрид. На паркетот во салата „Јане Сандански“ беа и талентираните Бојан Јовановски, Стефан Донаковски, Леонид Тодоровски, Петар Прентовиќ, Мартин Милески и Дарко Порјазов од младинската школа на клубот, кои добија шанса да научат нешто ново од поискусните, но и да покажат дека заслужиле шанса да работат со првиот состав на МЗТ Скопје.

Шарлон Клоф има обврски кон репрезентацијата на Холандија и ќе се приклучи до завршувањето на квалификацискиот циклус за пласман на ЕП 2017 исто како и членовите на селекцијата на Македонија – Марко Симоновски, Љубомир Младеновски и Адем Мекиќ. Доаѓањето на Американецот со македонски пасош, Џеремаја Мејси, се очекува до крајот на неделата.

Според планираното, кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром првиот дел од подготовките ќе го одработат во матичната сала, под будното око и на полскиот стручњак за кондициска подготовка, Бартош Бибрович. Тој е поранешен соработник на Рајковиќ во таборот на Сласк Вроцлав, а беше и во комбинација за работа во стручниот штаб на репрезентацијата на Македонија во пресрет на ланското ЕП во Загреб.

Планирани се шест-седум пријателски натпревари, а засега официјално е потврден само настапот на меморијалниот турнир „Мирза Делибашиќ“, на кој ќе учествуваат уште и домаќинот Босна Ројал, Цедевита и Будуќност, а каде што „металците“ ќе одиграат две средби.