Испечатете ја страната

Пораз од Цедевита во последниот домашен меч сезонава во АБА

2018 03 Мар

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром загубија во вечерашната пресметка со Цедевита (64-85) во последниот меч на домашен терен сезонава во АБА-лигата, а во склоп на 21. коло од регионалното натпреварување.

Сино-белите три четвртини се држеа против исклучително силниот противник, кој е еден од фаворитите за триумф во лигата на најдобрите од поранешна СФР Југославија. Почнавме добро, по нецели седум минути имавме 13-7, но потоа противникот врати со 19-2 и дојде до двоцифрена предност (25-15). Ова не го поколеба избраниците на тренерот Жељко Лукајиќ, кои го следеа силното темпо на тимот од Загреб, а во третиот период дури и намалија на само пет поени негатива (46-51). Но, помалиот фонд играчи односно далеку подолгата клупа на Цедевита им овозможи на гостите да стиснат до крајот, што им овозможи повторно зголемување на водството, а со тоа и сигурна победа.

Радосав Спасојевиќ со 13 поени беше најефикасен кај МЗТ Скопје Аеродром, Дарко Соколов постигна 12, Јуре Лалиќ беше стрелец на 11, а Дамјан Стојановски својот стоти меч во АБА-лигата го заврши со 10 поени.

Последниот меч во АБА-лигата сезонава го играме следната недела и тоа на гостински терен кај Морнар. Претходно, во вторник, сино-белите ќе ја одработат домашната задача и тоа кај Гостивар.