Испечатете ја страната

Лукајиќ пред Цедевита: Да ја пренесеме енергијата од Купот и на средбите од АБА-лигата!

2018 02 Мар

По пауза од речиси еден месец поради одигрувањето на завршниците од националните купови и репрезентативниот прозорец на ФИБА, кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром викендов ќе ги продолжат настапите во АБА-лигата и тоа со утрешниот меч на домашен терен против Цедевита (17 часот).

Сино-белите во пресметката со една од најдобрите екипи во регионалното натпреварување ќе настапат засилени со Марко Симоновски и Ѓорѓе Мајсторовиќ, но без повредениот Бојан Трајковски. Атмосферата во екипата е подобрена по неодамнешниот триумф во Купот на Македонија, поради што тренерот Жељко Лукајиќ сака енергијата од завршницата во Кавадарци да се пренесе и на средбите од јадранското друштво.

„Играме против тим кој е еден од фаворитите за триумф во АБА, состав кој игра одлична кошарка и кој е квалитетно пополнет на секоја позиција со репрезентативци на Хрватска и БиХ. Наша цел е достојно да го одиграме овој последен меч пред своите навивачи во ова натпреварување и да пробаме да го изненадиме силниот ривал. Ќе биде исклучително тешко, но атмосферата во екипата е драстично подобрена по триумфот во националниот Куп па ќе пробаме таа енергија да ја пренесеме и на оваа средба. Ни се враќаат Марко Симоновски и Ѓорѓе Мајсторовиќ со што клупата ќе стане 'подолга“, но ќе го немаме Бојан Трајковски што сигурно ќе биде проблем во играта под кошевите. На нас е да дадеме сѐ од себе, па ќе видиме што ќе излезе од сето тоа“, вели стратегот на „металците“.

Билетите за дуелот против шампионот на Хрватска се веќе по продажба по цена од 50 денари и може да се купат на билетарницата пред салата „Јане Сандански“ или онлајн преку интернет-страницата http://ticketplus.mk/.