Стојановски: Рехабилитацијата минува одлично, набрзо ќе бидам оној стариот!

2017 05 Јул

По едногодишно отсуство, македонскиот кошаркарски репрезентативец Дамјан Стојановски одново е дел од МЗТ Скопје Аеродром, откако пред две недели потпиша нов договор со шесткратниот шампион.

Во меѓувреме, тој не настапуваше за друга екипа туку, за жал, се рехабилитираше по тешката повреда на коленото добиена во дресот на репрезентацијата на Македонија во ланскиот квалификациски циклус за пласман на ЕП 2017. Дамјан е максимално дисциплиниран и упорен во одработување на поставените задачи во рехабилитацијата, што гарантира дека ќе биде стоотстотно подготвен за напорите од претстојната сезона во која „металците“ ќе настапуваат во силната АБА-лига со 12 екипи и во домашното првенство од самиот почеток.

Една сезона не бев под договор, но се чувствувам како воопшто да не сум заминал од ’Јане Сандански’. Едноставно, тука сум како дома со оглед што одамна немам настапувано за друг клуб освен за МЗТ Скопје Аеродром. Периодот го искористив да се вратам по незгодата која ме снајде на средбата против Велика Британија во дресот на македонската репрезентација. Најтешкиот дел по повредата е зад мене. Рехабилитацијата минува одлично, засега сѐ е како што треба и сигурен сум дека ќе бидам максимално подготвен за стартот на новата сезона“, вели Стојановски.

Репрезентативец очекува тешка сезона, а му се допаѓаат најавите на управата на клубот за формирање костур на тимот од македонски кошаркари.

Пред нас е напорна сезона во која нѐ очекуваат многу тешки натпревари поради што е потребно добро да се подготвиме. АБА-лигата ќе биде исклучително силна, најмногу поради намалувањето на бројот на екипи што ќе учествуваат, со што ќе се вжешти битката како за врвот така и за дното од табелата. Без разлика што сѐ уште сме далеку од комплетирањето на тимот, мислам дека ќе имам состав кој ќе може да им парира на противниците од регионот и дека со малку повеќе среќа ќе имаме подобар настап во однос на минатата сезона. Ми се допаѓа интенцијата носители во тимот да бидат домашни играчи, што е добро како за МЗТ Скопје Аеродром така и за македонската кошарка воопшто“, дополнува бекот-шутер.

За Дамјан нема дилеми, нападот на двата домашни трофеји е приоритет за МЗТ Скопје Аеродром во новата сезона.

Освојување на титулата и враќањето на пехарот од Купот на Македонија дефинитивно се нашите приоритети за следната сезона, а кои се надевам дека ќе успееме да ги оствариме. Во првенството мора да почнеме силно уште од самиот старт и да покажеме дека немаме намера да се откажеме од доминацијата. Со добрите партии низ шампионатот се демонстрира квалитетот, но и се обезбедува предноста која дефинитивно може да биде клучна во плејофот. Купот, пак, е специфично натпреварување во кое се можни изненадувања, за што МЗТ Скопје Аеродром е најдобар пример. Но, сигурен сум дека екипата во целост ќе ги проучи слабостите од годинешниот завршен турнир во Кавадарци и дека ќе го вратиме победничкиот пехар онаму каде што му е местото, во витрините на нашиот клуб“, објаснува повратникот во сино-белиот дрес.

Стојановски нема да биде дел од репрезентацијата на Македонија летово во дуелите од претквалификациите за СП 2019 поради рехабилитацијата од повредата, но најавува дека ќе биде најбучниот навивач на своите репрезентативни колеги меѓу кои е и неговиот брат-близнак, Војдан.

Косово и Естонија се селекции кои треба да се сфатат максимално сериозно. Денеска едноставно нема лесни противници на европската кошаркарска сцена. Најдобар пример за ланските квалификации за ЕП кои се надевавме дека лесно ќе ги поминеме, но на крајот завршивме полошо и од најцрните очекувани сценарија. Само со максимален пристап и огромна желба може да стигнеме до посакуваното, а тоа е минување на претвалификациското сито. Тешко ми е што не можам да им помогнам на соиграчите, повредата не ми дозволува да настап, но ќе им стискам палци на моите репрезентативни другари со ветување дека ќе бидам најгласен навивач во нивниот обид да се мине овој сериозен предизвик“, завршува Стојановски.

Еден од тројцата браќа од кошаркарското семејство Стојановски во таборот на МЗТ Скопје првпат дојде до 2012 година, а претходно има играно за АМАК-СП, Вардар осигурување и бугарски Лукоил Академик. Во својата ризница трофеи досега има четири шампионски титули во Македонија и две во Бугарија како и пет пехари во Купот на Македонија.

1 Sinalco Logo.jpg3kozuvcanka logo.jpg4 sport m logo web.jpg5.Adora logo.jpg6. adidas.jpgBauer logo.jpgJsp_turs1.jpgTineks.jpgaerodrom-novo-logo.jpgcedevita logo web.jpggoldenart logo.jpgsistina logo web.jpgtelekom logo web.jpgtriglav logo.jpg

За нас

 
МЗТ Скопје Аеродром е кошаркарски клуб од Општина Аеродром, Македонија. Клубот е основан во 1966 година и во својата историја има освоено шест титули во Македонската кошаркарска лига во рамките на Југославија (1970, 1971, 1972, 1973, 1974, 1979), пет по осамостојувањето на Македонија (2012, 2013, 2014,2015, 2016) како и осум титули во Кошаркарскиот Kуп на Македонија (1996, 1997, 1999, 2000, 2012, 2013, 2014, 2016).
Покрај настапите во Македонската лига, „МЗТ Скопје Аеродром“ настапувал и во регионалната „АБА Јадранска лига“, како и во УЛЕБ Еврокупот.

Локација

Адреса: АСНОМ БР.1, 1000 Скопје

Контакт

тел/фах: +389 2 2444-567

email: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.

 

Следете не и на

Top of Page