Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром со пораз ја почнаа новата 2017 година, откако попладнево, на домашен терен, загубија во пресметката со Цедевита (79-100), во меч од 16. коло од АБА-лигата.
Избраниците на тренерот Анте Назор беа во игра за победа само во првата четвртина, во која се играше кош за кош, но потоа попушти концентрацијата, а на противникот му проработе шутот. Хрватите на одмор по првото полувреме отидоа со плус 17 (53-36), предност која само умешно ја задржија до крајот на средбата.
Џош Скот со 23 поени, осум скока и пет украдени топки и Ксавиер Темс со 18 поени беа единствените со двоцифрен ефект во сино-белиот табор. Солиден беше и Марко Симоновски со девет поени (3/3 за тројка), Сулејман Диабате постигна седум, а Љубомир Младеновски, Стефан Синовец и Шарлон Клоф по шест поени. Потфрли Ѓорѓе Дреновац, кој средбата ја заврши со четири поени, но со шут 0/8 од поле од кои шест беа удари за три поени.
Следниот предизвик за МЗТ Скопје Аеродром е тимот на Цибона, на кој ќе му гостуваме следната недела (8 јануари).