Сите во таборот на МЗТ Скопје Аеродром едвај чекаат да заврши 2016 година со надеж дека со тоа ќе им дојде крај на сите малери кои ги следат во изминатите месеци, а од кои не можат да куртулат ниту деновиве со оглед на сериозната повреда на Јуре Лалиќ на вчерашниот утрински тренинг, поради која ќе биде најмалку десетина дена надвор од тренажниот процес.
Високиот центар доби силен удар во лицето во еден дуел со Љубомир Младеновски, нормално без никаква намера и во жарот на борбата, по што мораше да го напушти паркетот поради обилно крвавење. Првичниот впечаток беше дека станува збор само за расекотина на лицето, но на подоцнежниот детален преглед беше утврдена скршеница на носот, поради што Лалиќ вчера попладне мораше итно да биде опериран.
Зафатот мина во најдобар ред, хрватскиот интернационалец денеска треба да ја напушти болницата, но одреден период не смее да тренира, што значи дека засега сигурно отпаѓа неговиот настап на следните два дуели од АБА-лигата, дома против Цедевита (2 јануари) и на гости кај Цибона (8 јануари). На истиот тренинг силен удар во носот доби и Адем Мекиќ, по што мораше да замине во соблекувалната, но, за среќа, неговата повреда не беше сериозна поради што тој денеска продолжи со редовна работа.
Ова е втора повреда на носот за Лалиќ, кој поради тоа го пропушти и првиот дуел против хрватскиот тим на стартот од сезоната во Загреб. Високиот центар исто така доби силен удар на средбата од првото коло на домашен терен против Партизан, но тогаш за среќа немаше скршеница, па со заштитна маска на лицето се врати на паркетот веќе на мечот од 4. коло против Цибона, кој сега најверојатно ќе мора да го пропушти.
Отсуството на Хрватот е нов голем удар за тренерот Анте Назор, кој и по повеќе од еден месец откако е на кормилото на МЗТ Скопје Аеродром сѐ уште немал можност да работи со комплетниот тим што му е на располагање. Покрај Лалиќ, на на првиот дуел во новата година против Цедевита нема да може да смета ниту на Даниел Кларк (листот на ногата), ниту на македонскиот репрезентативец Стојан Ѓуроски, кој сѐ уште се рехабилитира од повредата на препоните.
Но, и покрај сите овие пехови, останатите играчи во сино-белиот табор најавуваат максимална борба до последниот атом енергија, со цел да се изненади големиот фаворит и 2017 година да се почне со добра игра и по можност голема победа. Добра вест во моментов е само враќањето на Марко Симоновски, кој поради болест го пропушти претходниот дуел против Партизан во Белград, како и на Ксавиер Темс по едномесечниот престој во САД поради семејна трагедија.