Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром со само девет кошаркари не успеаја да го изненадат најдобриот тим и актуелен шампион во АБА-лигата, Црвена звезда (73-93), во денешниот меч со кој беше означен стартот на вториот дел од сезоната во регионалното натпреварување.
Сино-белите, кои настапија без Ксавиер Темс, Даниел Кларк и Стојан Ѓуроски, пружија посилен отпор во првото полувреме, во кое гостите колку и да се трудеа, сепак, не остварија позначајна позитива. Но, малата деконцентрација на стартот од третиот период и осумте поени во низа му донесоа плус 16 (51-35) на гостинот од Белград, позитива која умешно ја одржаа до самиот крај.
Центрите Џош Скот и Јуре Лалиќ беа најдобри во таборот на аеродромци со 21 поени и девет скока односно 15 поени и пет скока, додека Шарлон Клоф реализира 12 поени, седум скока и пет асистенции. Овој праз воедно значеше и крај на победничката серија на домашен терен во АБА-лигата, а која застана на бројката четири.
Следниот натпревар на МЗТ Скопје Аеродром е по седум дена, кога ќе му гостуваме на белградски Партизан.