Испечатете ја страната

Јончевски: Добро е што победивме, сега се насочуваме кон дуелот со Цедевита

2016 23 Окт

Делумно олеснување можеше да се види на лицето на тренерот на МЗТ Скопје Аеродром, Александар Јончевски, по денешната победа на домашен терен во пресметката со македонскиот ривал во АБА-лигата, Карпош Соколи, која воедно е и прва на еден официјален натпревар сезонава.

„Металците“ успеаја да надополнат негатива од 17 поени од првата четвртина, што треба да ја зголеми самодовербата во екипата пред средбата со Цедевита, в среда во „Јане Сандански“ во рамки на 3. коло од Еврокупот. До триумфот се дојде без повредениот Марко Симоновски, а во финишот настрада и Шарлон Клоф, чие отсуство, ако до него дојде по деталните лекарски прегледи, и тоа како ќе се почувствува во играта на аеродромци.

„Како што и најавив, тоа беше многу тежок натпревар. Притисокот беше на нашата страна со оглед на тоа што ние пет години играме во АБА-лигата, а тие се новајлии. Успеавме да издржиме, да се вратиме по високата негатива и да завршиме со позитивен резултат. Мислевме дека ќе бидеме комплетни на денешниот меч, но еден ден пред натпреварот се повреди Симоновски (задна ложа), како и Мекиќ кој настапи многу малку. Единствениот плејмејкер што го имавме, Шарлон Клоф, се повреди во последната четвртина и сѐ уште не знаеме колку е сериозна неговата повреда. Го донесовме и Даниел Кларк, кој имаше повеќе од солиден настап и покрај тоа што со тимот имаше само два тренинга. Сега се насочуваме кон мечот против Цедевита од Еврокупот, кој се игра в среда“, изјави по средбата Јончевски.

Средбата имаше сличен епилог како и неодамнешниот дуел од Суперкупот, откако кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром подобро се снајдоа во пенал-завршницата.

„Среќата ни се насмевна во финишот иако лошо го отворивме натпреварот. И по огромната негатива некако се собравме и победивме. Сега ни следи тежок меч со Цедевита и мораме што подобро да се подготвиме“, прокоментира Урош Лучиќ.

Средбата против Цедевита се игра во „Јане Сандански“, в среда со почеток во 19 часот.