Испечатете ја страната

Прв триумф: МЗТ Скопје во драматичен финиш го совлада Карпош Соколи!

2016 23 Окт

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром дојдоа до првата официјална победа сезонава, откако по голема борба и драма во финишот, го совладаа тимот на Карпош Соколи со 74-71 (8-25, 16-6, 24-11, 26-29) во првото македонско дерби кое се одигра во рамки на 6. коло од АБА-лигата.

Сино-белите лошо го почнаа натпреварот, во осмата минута беа во негатива од дури 17 поени (6-23), но со фантастичен финиш на втората и одличен почеток на третата четвртина со серија 23-3 направија целосен резултатски пресврт и го презедоа водството (39-34). Иницијативата на домаќинот траеше до почетокот на последниот дел од играта, кога гостите од Карпош отворија со осум поени во низа и повторно дојдоа во водство (50-48). Но, тоа не ги збуни премногу избраниците на тренерот Александар Јончевски, кои веднаш потоа вратија со серија 11-2 за дотогаш највисоко водство (59-52) на нешто повеќе од пет минути до крајот на средбата.

До крајот се играше беспоштедно од двете страни, „соколите“ во неколку наврати намалија на минус три поени, а на 16 секунди до крајот дојдоа до само еден поен до противникот (71-72). Но, тоа беше сѐ од нивна страна со оглед на тоа што аеродромци подобро се снајдоа во пенал-завршницата и заслужено дојдоа до драгоцениот триумф. Во клучните моменти, судиите мораа да ја употребуваат технологијата за да одредет за кого е топката, и во обата случаи таа беше за домашниот тим.

Шарлон Клоф беше убедливо најдобар поединец во таборот на МЗТ Скопје, со учинок од 14 поени, осум скока и пет асистенции како и две атрактивни забивања во првото полувреме со кои ја крена публиката на нозе. Но, за жал, за холандскиот интернационалец средбата заврши во 35. минута откако остана да лежи на паркетот по еден влез поради повреда на препоната на левата нога. Тоа беше дополнителен хендикеп за „металците“, за кои на оваа средба не настапи Марко Симоновски поради истегнување на задната ложа на последниот тренинг пред натпреварот.

Стефан Синовец, Ксавиер Темс и Џош Скот исто така имаа двоцифрен поентерски учинок со 13, 12 односно 11 постигнати поени додека повеќе од солидно деби имаше Британецот Даниел Кларк со 11 поени и седум скока.

Избраниците на Јончевски ќе се обидат зголемената самодоверба по денешниот триумф да ја искористат за добра игра и победа во следниот дуел кој ги очекува и тоа в среда на домашен терен против Цедевита во рамки на 3. коло од Еврокупот. Во АБА-лигата, пак, следен ривал им е српска Мега Лекс и тоа следната недела во Сремска Митровица.