МЗТ Скопје Аеродром ќе ги нагости „соколите“ од Карпош!

2016 23 Окт

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром посакуваат идентичен епилог од неодамнешното финале од Суперкупот на денешната пресметка на домашен терен против Карпош Соколи (17 часот), во првото македонско дерби во АБА-лигата кое се игра во рамки на 6. коло од регионалното натпреварување.

Сино-белите пред еден месец, по голема борба, излегоа како подобри од дуелот со „соколите“, поради што избраниците на тренерот Александар Јончевски се надеваат дека ќе може да ја повторат играта и конечно да дојдат до првата победа на еден официјален меч сезонава. Тоа нема да биде лесно, свесни се во таборот на екипата од „Јане Сандански“, пред сѐ поради фактот што против себе сега ќе имаат засилен тим, кој исто така го брка првиот триумф во дебитантскиот настап во АБА-лигата.

„Ова за нас е исклучително значаен натпревар, без разлика што и противникот е во идентична ситуација како и ние, односно без ниту една победа досега сезонава. Поголемиот притисок дефинитивно е поголем врз нас, пред сѐ поради фактот што играме на домашен терен. Ова ќе ни биде втор меч против Карпош Соколи во изминатиов период, откако го добивме првиот во финалето од Суперкупот. Оттогаш и двата тима направија промени во составите, но и покрај тоа наша обврска е да го потврдиме тој триумф со кој би ја кренале самодовербата и би ги израдувале навивачите. Против себе имаме добар состав, кој е пополнет добро на секоја позиција со квалитетни поединци и кој никако не смее да биде потценет, без разлика што е во серија порази. Со доведувањето на Ричардс ја пополнија и таа некоја мала празнина под кошевите и со него сигурно ќе бидат поопасни. Но, на нас е да ја повториме играта од Суперкупот, а ако го сториме тоа тогаш и крајниот исход ќе биде идентичен како на претходниот меѓусебен дуел“, вели Јончевски, тренерот на аеродромци кој на претходната пресметка беше во улога на асистент на тогашниот прв стратег, Емил Рајковиќ.

За разлика од претходната средба, во составот на МЗТ Скопје Аеродром покрај тренерот Рајковиќ ќе ги нема Џеремаја Мејси и Тори Томас, а нови имиња се Стефан Синовец и Британецот Даниел Кларк, кој попладнево ќе дебитира во сино-белиот дрес. Интересно е што вторпат сезонава, судија на натпревар на сино-белите во АБА-лигата ќе биде Македонецот Игор Митровски, исто како и пред извесно време против Цедевита во Загреб. Покрај него, правдата на денешниот меч ќе ја делат и Словенците Марио Мајкиќ и Матеј Болтаузер.

УниБанкаОпштина Аеродром

За нас

 
МЗТ Скопје Аеродром е кошаркарски клуб од Општина Аеродром, Македонија. Клубот е основан во 1966 година и во својата историја има освоено шест титули во Македонската кошаркарска лига во рамките на Југославија (1970, 1971, 1972, 1973, 1974, 1979), седум по осамостојувањето на Македонија (2012, 2013, 2014, 2015, 2016, 2017, 2019) како и девет титули во Кошаркарскиот Kуп на Македонија (1996, 1997, 1999, 2000, 2012, 2013, 2014, 2016, 2018).
Покрај настапите во Македонската лига, „МЗТ Скопје Аеродром“ настапувал и во регионалната „АБА Јадранска лига“, како и во УЛЕБ Еврокупот.

Локација

Адреса: Булевар Јане Сандански бр.1, 1000, Скопје. Република Македонија

Контакт

тел/фах: +389 2 2444-567

email: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.

 

Следете не и на

Top of Page