Против Задар да се круниса добрата игра и да се наплатат несреќните порази од Цибона и Лиеткабелис!

2016 16 Окт

Со максимално претпазлива игра, агресивна одбрана и организиран напад, како и со користење на сите слабости на противникот до прв триумф во новата сезона е желбата на сите во таборот на МЗТ Скопје Аеродром во пресрет на вечерашното гостување против Задар (19 часот), во рамки на 5. коло од АБА-лигата.

Сино-белите несреќно ги загубија последните две средби, прво во пресметката со Цибона на домашен терен по убедливо водство и по две продолженија, а потоа на гостувањето кај Лиеткабелис на стартот од Еврокупот со кош во последната секунда и тоа по херојски камбек од негативата од 23 поени. Екипата полека се комплетира, се очекува свој придонес да имаат и повредените Ѓорѓи Дреновац и Јуре Лалиќ, што заедно со кризата која е евидентна во таборот на противникот дава сосема реални шанси за почеток на една нова, победничка серија на македонскиот првак.

Но, сето ова воопшто не значи потценување на задарскиот состав, кој и покрај сите проблеми и трите убедливи порази во низа, сепак, секогаш е тим кој мора да се респектира. Особено кога игра во салата која го носи името на легендарниот Крешимир Ќосиќ, во која постојано има поддршка од верната навивачка група „Торнадо“.

„По несреќниот пораз од Лиеткабелис со кош во последната секунда, како и по долгото и напорно враќање од Литванија, нормално е дека играчите се малку паднати и уморни. Немаме време ниту за поголема анализа на тој дуел, бидејќи уште вечерва нѐ чека уште еден тежок меч со кој, се надевам, ќе влеземе во победнички ритам. Против себе ќе имаме противник кој има релативно млад состав, но во кој има и искусни кошаркари како Владовиќ и повратникот Рамљак. Тука е и Маринковиќ, кај кого е видлив големиот напредок во однос на претходните сезони, поради што Задар не смее никако да се потцени и покрај неколкуте лоши игри во последниот период. Мора сериозно да ја сфатиме работата и со максимален напор да дојдеме до посакуваната цел“, изјави Александар Јончевски, тренерот на МЗТ Скопје Аеродром, пред вечерашниот дуел во градот крај Јадранското море.

Во досегашните осум дуели против Задар вкупниот резултат е 4-4, со напомена дека „металците“ веќе имаат еден триумф на теренот на противникот и тоа во првата јадранска сезона во 2012 година. Судии на средбата се Илија Белошевиќ, Миливоје Јовчиќ и Урош Обркнекнежевиќ, сите од Србија.

УниБанкаОпштина Аеродром

За нас

 
МЗТ Скопје Аеродром е кошаркарски клуб од Општина Аеродром, Македонија. Клубот е основан во 1966 година и во својата историја има освоено шест титули во Македонската кошаркарска лига во рамките на Југославија (1970, 1971, 1972, 1973, 1974, 1979), седум по осамостојувањето на Македонија (2012, 2013, 2014, 2015, 2016, 2017, 2019) како и девет титули во Кошаркарскиот Kуп на Македонија (1996, 1997, 1999, 2000, 2012, 2013, 2014, 2016, 2018).
Покрај настапите во Македонската лига, „МЗТ Скопје Аеродром“ настапувал и во регионалната „АБА Јадранска лига“, како и во УЛЕБ Еврокупот.

Локација

Адреса: Булевар Јане Сандански бр.1, 1000, Скопје. Република Македонија

Контакт

тел/фах: +389 2 2444-567

email: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.

 

Следете не и на

Top of Page