Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром го освоија третото место на меѓународниот турнир „Мирза Делибашиќ“, откако вечерва го совладаа организаторот и некогашен европски шампион, тимот на Босна Ројал со 78-70 (16-19, 17-13, 24-20, 21-18)
Победата беше обезбедена во третиот период, во кој со серија 14-2 дојдовме до првото повисоко водство на средбата (47-39). Неколку минути подоцна зголемивме и на двоцифрена позитива (53-43), која дефинитивно најави триумф, прв во подготвителниот период по трите порази од ПАОК, Газиантеп и Будуќност. Високата ја задржавме сѐ до самиот крај, со највисок плус од 13 поени (72-59).
Ѓорѓе Дреновац одигра фантастичен натпревар, во кој беше нерешлива енигма за противникот и со 24 поени беше најефикасен поединец во двата тима. Одлично по здравствените проблеми (стомачен вирус) се врати и Џош Скот, кој реализира 17 поени и покажа дека неговото отсуство беше една од причините за синоќешниот полуфинален пораз од црногорскиот шампион Будуќност. Иако ова му беше втор меч во само 36 часа по доаѓањето од САД, Тори Томас беше на висината на задачата, како во организацијата на нападите така и во офанзивниот дел во кој имаше 14 поени (три тројки).
Од останатите, Ксавиер Темс заврши со девет, Џеремаја Мејси со седум, Урош Лучиќ со четири, а Јуре Лалиќ со три поени. За победничкиот пехар на турнирот силите ќе ги одмерат Цедевита и Будуќност (20.30 часот).
Следен предизвик за четата на Емил Рајковиќ е домашниот Суперкуп, во кој на 22 септември во полуфиналето ќе ги одмериме силите со Фени индустри. Финалето е следниот ден, а во него ќе се најде и победникот од дуелот помеѓу Карпош Соколи и Куманово.