Раководството на АБА-лигата денеска ги прецизира термините за првите неколку кола од новата сезона, кои се играат во забрзан ритам и кои на МЗТ Скопје Аеродром му носат пеколен распоред со четири средби во десет дена и пресметки со великани како Партизан и Цедевита во период од само – 48 часа.
Сезоната за македонскиот првак почнува на 30 септември, со гостувањето кај актуелниот победник во регионалното натпреварување, белградска Црвена звезда (19 часот), додека првиот дуел на домашен терен ќе го одигра на 4 октомври против вториот српски гигант, Партизан и тоа од 17 часот. Само 48 часа подоцна, во истата сатница, избраниците на тренерот Емил Рајковиќ ќе ѝ гостуваат на силната Цедевита, а забрзаниот циклус завршува на 9 октомври кога во Скопје доаѓа поранешниот европски шампион, загрепска Цибона (21 часот).
Ниту во продолжението од месецот не се намалуваат обврските на кошаркарите на МЗТ Скопје, со оглед на почетокот на Еврокупот, каде што „металците“ првата обврска ќе ја имаат на 12 октомври против Уникаха во Малага. Сино-белите до крајот на октомври ќе одиграат вкупно десет средби што вистински НБА-ритам, поради што е клучно играчите добро да го одработат подготвителниот период бидејќи кога ќе почне сезоната повеќе ќе бидат во авиони и автобуси отколку на тренинг во сала.
Избраниците на Рајковиќ в понеделник ќе го одиграат првиот контролен дуел и тоа против грчки ПАОК (16 часот) во Солун. Еден ден подоцна, кошаркарите на МЗТ Скопје во северниот грчки град ќе ги одмерат силите со турски Газиантеп.