Лалиќ: Дојдов за да освојувам трофеи и со МЗТ Скопје!

2016 16 Авг

Хрватскиот кошаркарски интернационалец Јуре Лалиќ сезонава ќе биде еден од главните адути на новиот тренер на МЗТ Скопје Аеродром, Емил Рајковиќ, пред сѐ во битката под кошевите на патот кон шестата шампионска титула во клупската историја, со што и тој самиот ќе ја продолжи импресивната низа на освојување трофеи.

Високиот центар важи за вистински магнет за пехари со оглед на тоа што во досегашната кариера веќе има шест шампионски титули во четири различни земји како и пет победи во националните купови во три држави. Лалиќ двапати дојде до епитетот првак во Хрватска и тоа со тимот на Задар во 2005 и 2008 година, а истото го стори во Словенија како член на Крка во 2012 и 2013 година. Во 2009 беше шампион на Белгија со екипата на Шарлоа, а во 2015 година стигна до највисокото место на пиедесталот во Полска како член на Стелмет Зиелона гора. Како играч на задарскиот прволигаш трипати по ред беше најдобар во Купот на Хрватска (2005-2007), а овој успех го повтори во 2009 со Шарлоа и минатата сезона во дресот на Крка.

„Многу не размислувам околу тоа колку титули или куп-трофеи сум освоил, но кога вака ќе ги наброите тогаш тоа делува навистина многу. Се надевам дека низата ќе ја продолжам и со МЗТ Скопје, со оглед на тоа што сезонава покрај добрите игри во Еврокупот и во АБА-лигата приоритет ќе ни биде одбраната на приматот во двете домашни натпреварувања. Факт е дека има и други квалитетни екипи, но верувам дека ќе дојдеме до титулата“, ни изјави Лалиќ.

Искуството, особено во настапите во АБА-лигата, е една од причините што Хрватот се најде на радарот на стручниот штаб на првакот, нормално заедно со квалитетот кој несомнено го поседува. А, Лалиќ не размислувал многу по добиената понуда.

„Слушнав многу добри работи за клубот и за градот од играчи кои во минатото беа дел од МЗТ Скопје и не ми требаше многу за да решам да потпишам. Имам големо искуство од речиси десетгодишните настапи во АБА-лигата и се надевам дека тоа ќе ми помогне во новата средина за да помогнам најмногу што можам во остварувањето на целите. Ќе биде напорно, сезоната е долга, но очекувам да се случат добри работи“, дополнува високиот центар

Новото засилување на „металците“ е одушевен и од условите кои ги има клубот, пред сѐ во салата „Јане Сандански“.

„Засега сѐ е супер. И луѓето и градот и салата. Пријатен сум изненаден од условите кои ги имаме за работа и верувам дека ќе успееме да ги оправдаме очекувањата на крајот од сезоната“, завршува Лалиќ.

МЗТ Скопје Аеродром новата сезона официјално ќе ја отвори на 1 октомври со гостувањето кај актуелниот шампион на АБА-лигата, Црвена звезда, а неколку дена подоцна во Скопје ќе гостува белградски Партизан.

УниБанкаОпштина Аеродром

За нас

 
МЗТ Скопје Аеродром е кошаркарски клуб од Општина Аеродром, Македонија. Клубот е основан во 1966 година и во својата историја има освоено шест титули во Македонската кошаркарска лига во рамките на Југославија (1970, 1971, 1972, 1973, 1974, 1979), седум по осамостојувањето на Македонија (2012, 2013, 2014, 2015, 2016, 2017, 2019) како и девет титули во Кошаркарскиот Kуп на Македонија (1996, 1997, 1999, 2000, 2012, 2013, 2014, 2016, 2018).
Покрај настапите во Македонската лига, „МЗТ Скопје Аеродром“ настапувал и во регионалната „АБА Јадранска лига“, како и во УЛЕБ Еврокупот.

Локација

Адреса: Булевар Јане Сандански бр.1, 1000, Скопје. Република Македонија

Контакт

тел/фах: +389 2 2444-567

email: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.

 

Следете не и на

Top of Page